Маричиќ: Во понеделник Советот за реформи во судството ќе ја потврди методологијата за прочистување на правосудството

Министерот за правда Бојан Маричиќ, на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада, кажа дека во понеделник Советот за реформи во судството ќе ја потврди методологијата за прочистување на правосудството и дека овој процес е примарен за враќањето на довербата на граѓаните во системот.

-Долги судски рочишта, безброј одложувања, неефикасни постапки. Токму затоа во првите 100 денови со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители интензивно работевме на подготовка на методологија по која следната година ќе се филтрира судството и обвинителството. Ова според нас е најдобриот начин, како фелата сама да си ги прочисти своите редови. Сите оние судии или обвинители кои незаконски постапиле, направиле прекршувања во постапките, намерно ги одложувале или нестручно постапиле ќе бидат исфилтрирани од правосудниот систем. Посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал, потенцираше министерот за правда.

Маричиќ кажа дека само во првите 100 дена судската такса е намалена за осум пати, Законот за попис е испратен во Собранието, завршен е Воспитно-поправниот дом во Волковија, со предложени промени за Законот за прекршоци со кој  казните за загадувачите на животната средина се зголемуваат до 20 пати, решен е проблемот со судската полиција, а изработен е и информативен сајт за Бесплатна правна помош.

-Плановите за иднината ни се амбициозни, намерите јасни и чесни, а посветеноста максимална. Дали тоа некому му се допаѓало или не, Северна Македонија ќе биде правна држава, каде што ќе одговараат сите оние кои ги прекршиле или во иднина ќе ги прекршат законите, кажа Маричиќ.