Шахпаска: За 100 дена Влада донесовме законски решенија во интерес на граѓаните, го олеснивме пристапот до права за најранливите категории, се грижиме

Денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска одржа прес–конференција на која информираше за реализираните активности на министерството во првите 100 дена.

„Министерството за труд и социјална политика е ресор со бројни предизвици на дневно ниво. Грижата за ранливите категории на граѓани, за лицата со попреченост, за децата без родителска грижа, пензионерите, работниците, децата од предучилишна возраст наметнува сериозна одговорност и целосна посветеност“, истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека во првите 100 дена со многу работа, со одговорен пристап може успешно да се решаваат проблемите на граѓаните дури и во вакви тешки времиња.

„Соочени со здравствена и социоекономска криза предизвикана од пандемијата од КОВИД-19 поставивме два приоритети: зачувување на секое работно место и грижа и поддршка за најранливите категории на граѓани што полесно да ја пребродат кризата.

Работиме и на реализација на владината програма, за која добивме поддршка од граѓаните и која е наша обврска“, потенцираше министерката.

Таа подвлече дека уште во првата недела од нејзиниот мандат во процедура беше доставен Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој беше изгласан во Собранието.

„Со овој Закон граѓаните добиваат заштита по сите дискриминаторски основи и добиваат Комисија за заштита и спречување од дискриминација, како професионално и независно тело. Огласот веќе е завршен и останува на Собранието да го направи изборот на членовите на Комисијата“, посочи министерката.

Таа потенцираше дека во делот на заштита на човековите права е и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој е во собраниска процедура и кој многу јасно ги дефинира институциите кои се должни да преземаат превентивни, но и итни и мерки за заштита на жртвите.

„За прв пат во нашата држава е предвидена санкција за непостапување со должно внимание, како и мултидисциплинарен институционален одговор на заштита на жртвите и нивна реинтеграција во системот. Ова се два важни закони од реформската агенда за нашиот евро-интегративен процес“, истакна Шахпаска.

Со цел полесно пребродување на кризата министерката посочи дека преку законски измени обезбеден е олеснет пристап на граѓаните до гарантирана минимална помош и образовен додаток.

„На ваков начин бројот на семејства приматели на ГМП го зголемивме за 5.500 во однос на февруари оваа година. Создадовме систем кој ги апсорбира семејствата во ризик особено во моменти на криза. Со измените на Законот за заштита на децата создадовме услови околу 16 илјади деца да остварат право на образовен додаток“, подвлече министерката.

Таа го истакна учеството на Министерството во подготовката на четвртиот пакет економски мерки со кој беа опфатени 182 илјади пензионери, 84 илјади пасивни баратели на работа, 8 226 приматели на социјална пензија, како 5570 самохрани родители, со што вкупно беа опфатени 283.000 лица.

„Борбата за намалување на невработеноста продолжи оваа година и покрај пандемијата. Податоците говорат дека таа е пониска за 0,6 проценти во однос на истиот квартал минатата година и во моментов таа изнесува 16,5 проценти“, посочи Шахпаска.

Таа истакна дека и за време на пандемијата имаме реализација на мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување.

Некои од нив имаат и до 100 процентна реализација, како што е мерката за субвенционирање на плати, мерката за самовработување, како и младинска гаранција преку која 6.000 млади лица се вработија.

„За да го олесниме животот на лицата со попреченост ја спуштивме границата за лична асистенција од 18 на 6 години. Ова е реализација на уште едно наше ветување со кое излеговме пред граѓаните на избори, а е вградено во владината програма“, рече министерката.

Таа посочи дека со максимален ангажман и надзор се  забрза изградбата на детските градинки и како резултат на тоа отворени се  шест нови градинки со вкупен капацитет од 416 деца. Во финална фаза се уште четири нови градинки со капацитет од 200 деца, кои ќе бидат пуштени во употреба во јануари 2021 година.

„Во првите 100 дена започнавме изградба на три нови градинки во Крива Паланка, Пробиштип и Чаир, а во тек е изградбата на уште 15 градинки меѓу кои и во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Струмица, Кавадарци, Неготино, Кочани, Василево... со што капацитетот во градинките ќе се зголеми за уште околу 1900 деца“, истакна министерката.

Таа го истакна и започнатиот процес на децентрализација на социјалните услуги и притоа се потпишани  договори со 17 општини. Услугата помош и нега на стари лица и лица со попреченост ќе им биде достапна во домот и во дневни центри.

На овој начин услугите се спуштаат на локално ниво и во рурални средини, но истовремено се зголемува бројот на лица кои како даватели на услуги заработуваат за сопствена егзистенција.

„Процесот на деинституционализација го продолживме. Склучивме договори за уште две куќи во кои ќе бидат сместени корисници од Заводот во Демир Капија. На овој начин воспоставуваме европски стандарди во грижата за најнемоќните кои се сместени во институции“, истакна министерката.

Таа информираше за реконструкцијата на дневниот Центар за корисници од 6 до 26 годишна возраст во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје, како и дневниот Центар за лица со попреченост во Општина Берово, додека пак во Општина Пробиштип се реконструира јужното крило од здравствениот дом „Нада Михајлова“ во дом за стари лица, а целосно завршија и градежните работи на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Битола.

„Во моментов работиме на два закони. Законот за работни односи како системски закон кој ги регулира прашањата од сферата на трудот, синдикалното организирање и законската регулатива која ја дефинира недела како неработен ден. Завршена е и драфт верзијата на Законот за родова еднаквост, што е уште еден чекор напред во воспоставување на родовиот баланс во општеството на сите полиња“, истакна министерката.

Шахпаска посочи дека ова е само на почетокот од мандатот, како и дека претстои многу работа, многу проекти и законски решенија во интерес на граѓаните.

„Човечкиот капитал е најголемото богатство во едно општество, затоа за нас секој човек, секое семејство, секое дете е важно. Продолжуваме да работиме посветено, во служба на граѓаните“, рече министерката на крајот од прес-конференцијата.

Презентација на Министерството за труд и социјална политика