Во врска со написите за набавката на ПЦР тестови од страна на Службата за општи и заеднички работи за вработените во Владата на Република Северна Македонија укажуваме дека тестовите се неопходни во ситуации кога членови на Владата имаат потреба од итно службено патување во странство. Станува збор за ПЦР тестови кои се неопходни за итни службени патувања за кои не постојат можности за закажување тест преку матичен лекар.
Владата може да набави вакви тестови единствено согласно Законот за јавни набавки, што е и направено на транспарентен начин, запазувајќи ја конкуренцијата на пазарот каде главен критериум е најниската цена. Од четирите компании, одбрана е најевтината понуда од 1.900 денари.
Тендерот беше отворен за сите, и за Институтот за јавно здравје, а се пријавија само приватни лаборатории.
Тестовите што ги прави Институтот за јавно здравје се бесплатни за граѓаните, но не и за институциите на државата која ги плаќа по пазарна цена.