Северна Македонија добива 800.000 дози од Фајзер, 5.850 стигаат во февруари

Република Северна Македонија, ќе добие 800.000 вакцини против КОВИД-19, од производителот Фајзер. Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во директни преговори со овој производител, обезбеди вакцини за цела 2021 година. Договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата прозиводител на вакцини против КОВИД-19. Првите 5.850 дози вакцини на Фајзер ќе стигнат во февруари, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди.

Нашата земја навремено почна со подготовките за вакцинација против КОВИД-19 и постоечката функционална и одлично поставена здравствена инфраструктруа каде досега се врши вакцинација за други болести, е подготвена за имунизација против корона.  

Вакцината на Фајзер се чува во фрижидери на -70 степени целзиусови, а истите во нашата земја ќе пристигна месецов.

Регулаторните медицински агенции европската ЕМА и американската ФДА имаат дадено одобрение за вакцината на Фајзер.