Реформата во образованието се носи исклучиво низ јавен и отворен процес, бидејќи во основата на оваа реформа се токму критичкото мислење, разбирањето и прифаќањето на различни, но добро аргументирани решенија

Министерката за образование и наука Мила Царовска и членовите на Работната група за реформи во основното образование денеска ги презентираа основите на образовната реформа пред претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев и пред членови на кабинетот на премиерот.

Премиерот Заев на средбата изрази поддршка за неопходноста од реформи на образовните програми, осврнувајќи се на потребата од современо и квалитетно образование како предуслов за економски напредок и за општествена трансформација базирана на вредности.

На презентацијата посебно внимание беше ставено на фактите кои говорат за неопходноста од образовни реформи без одлагање како што се ниските оценки за нашето образование на меѓународните тестирања на учениците, наодите и мислењата на меѓународните и домашни институции за образовните програми, како и мислењето на родителите и на наставниците и пред сѐ мислењата на учениците.

Од анализите кои се користени утврдено е дека е потребно образование кое учениците го доживуваат како корисно и интересно, а не напорно и досадно, образование кое ги учи децата да учат преку разбирање и сопствено критичко мислење, а не "на памет".

За време на дебатата поврзана со презентацијата на основите врз кои се подготвуваат образовните реформи, премиерот Заев и министерката Царовска потенцираа дека оваа Влада реформите ги спроведува низ принципот "прифаќаме отворено да дискутираме", наспроти принципот "одбиваме промени".

Се разговараше дека со новата концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните.

Посебно внимание беше посветено на потребата од темелна, наместо паушална реформа која ќе ги отстрани клучните недостатоци на нашиот образовен систем како што се политизацијата на училиштата, содржините на учебниците кои не се соодветни на времето во кое живееме и на потребите на децата, како и слабата мотивација на наставниците.

Премиерот Заев на средбата нагласи дека Владата, Министерството за образование и наука, како и Работната група остануваат на ставот да ги поттикнуваат сите заинтересирани да се вклучат во јавната дебата, да придонесат со свои предлози, сугестии, коментари и критики преку активно учество во тековните јавни расправи на МОН, како и со испраќање писмени предлози до надлежното министерство и Бирото за развој на образованието.

На состанокот беше нагласено дека веќе се стигнати квалитетни предлози кои Работната комисија ги зема предвид и дел од нив ќе бидат прифатени.

Со цел активно и сеопфатно вклучување во јавната расправа, Владата ќе иницира до Собранието да организира јавна консултација на која ќе учествуваат сите засегнати страни и на која ќе се презентираат различни и спротивставени аргументи за да се стигне до најдобри решенија.

И Владата и МОН остануваат на ставот дека реформата ќе се носи исклучиво низ јавен, аргументиран, критички и отворен процес, бидејќи во основата на оваа реформа се токму критичкото мислење, разбирањето и прифаќањето на различни, но добро аргументирани решенија.

За време на дискусијата за потребата од образовни реформи беше истакнато дека инспирација треба да биде една од мислите на истакнатиот македонски револуционер Гоце Делчев кој рекол дека "Револуцијата на народот е во умот и срцето" која тој ја имал за водилка и за време на неговата учителска дејност.