Министерката за образование и наука Мила Царовска и членови на работната група денес одржаa работен состанок со претставници на Управниот одбор на ЗЕЛС, во рамки на широкиот консултативен процес за предложената концепција за реформи во основното образование. Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов и присутните градоначалници кои се дел од Управниот одбор дадоа целосна поддршка на реформските процеси и најавија дека локалните самоуправи ќе бидат еден од клучните партнери во спроведувањето на реформите.
“Општините, како основачи на училиштата, ќе бидат директно вклучени во подготовките и имплементација на целата реформа. Затоа денес во ЗЕЛС разговаравме со градоначалниците за подготовка на општините и поддршката на локалната самоуправа во реформата. Драго ми е што имаме широка и недвосмислена поддршка од ЗЕЛС“, рече Царовска.
Министерката нагласи дека е повеќе од нужна бидејќи таа значително ќе го подобри квалитетот на образованието на децата, ќе ги мотивира и подобри условите за наставниците и образовниот кадар и на долг рок ќе го унапреди квалитетот на животот на идните генерации.
„Она што на граѓаните и јавноста треба да им е јасно е дека темелно и внимателно се подготвуваат сите чекори, сите промени, со што, со сигурност финалниот резултат ќе биде проверено добар концепт, кој ќе може да се имплементира без проблем“, потенцираше Царовска.
„Веќе има пристигнато доста предлози меѓу кои ми е драго што има и конструктивни предлози и верувам дека низ овој процес на комуникација ќе дојдеме до квалитетно финално решение и концепт. Во следните десет дена уште повеќе ќе се интензивира јавната дебата. Планирани се средби со директорите на училиштата, меѓународните организации, невладините организации во земјава, претставници на МАНУ и други. Со тоа практично ќе имаме увид во размислувањата и предлозите на сите оние кои треба да се вклучат во оваа дебата“, нагласи министерката Царовска.
Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов рече дека со министерката Царовска се согласиле околу неопходноста на реформите, но и околу инклузивноста на овој процес изразена преку подготвеноста да се сослушаат внимателно сите засегнати страни со цел да дојдеме до квалитетни и одржливи решенија.
„Системот за образование во секоја држава мора да ги следи општествениот развој и современите текови во науката со цел на новите генерации да им се овозможат услови преку овој систем да стигнат до квалитетни знаења што ќе овозможи нивна поголема конкурентност на пазарот на трудот. Затоа процесот на реформи во образованието треба да се одвива континуирано, но и да ги вклучува сите релевантни актери во образовниот процес од учениците, родителите и професорите, па се до институциите во чија надлежност е организирањето на наставата“, истакна Шилегов.
Тој рече дека прашањето на образованието не засега сите и како институции, но и како луѓе, пред сé заради тоа што носиме одговорност пред нашите деца, пред младите луѓе, да им понудиме квалитетно образование не само во сопствената држава, туку и во локалните самоуправи”, рече Шилегов.
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование ги интензивира и продолжува дебатите за новата концепција за да ги слушне предлозите и сугестиите во однос на реформата. Исто така, коментарите и предлозите можат да се достават до 20 јануари по електронска пошта.