Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група денес со состанок со граѓанските организации го продолжија широкиот консултативен процес за предложените реформи во основно образование. Граѓанските организации на состанокот ги кажаа своите предлози и сугестии, и дадоа безрезервна поддршка на целиот процес.
„Огромна поддршка за предложената концепција за основното образование добивме денес од граѓанските организации. Реформите се оценети дека се во најдобар интерес на учениците и на наставниците и со нив се јакнат основните граѓански вредности како што се: еднаквоста, инклузивноста, мултикултурноста и недискриминацијата. Мислењето на граѓанските организации ни е од исклучителна важноста во целиот овој транспарентен процес на носење на концепцијата“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска по состанокот.
Бранимир Јовановски претседател на „Мобилност“ - Националниот Сојуз со лица со телесен инвалидитет, истакна дека високо на скалилото на приоритети на секое лице со попреченост е образованието. Со предложените реформи ова право коешто сега поретко може да го стекнат лицата со попречености се става во фокусот, односно за првпат можеме да зборуваме за инклузивно образование.
„Конечно треба да се сруши парадигмата за лицата со попреченост дека се неспособни и тоа посебно во раната возраст, а тоа ќе се направи преку реформите во образованието”, рече Јовановски.
Од Фондацијата Отворено Општество велат дека со новата концепција ќе се намали образовниот јаз кај помалку бројните заедници, со правото на избор на материјали кои сега ги нема на сите наставни јазици.
„Ако имаме консензус за нешто во државата тоа е дека не ни чини образованието. Сите сме сложни дека ни се неопходни промени во образованието, рече Споменка Лазаровска, од Фондацијата Отворено Општество.
Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ изјави дека новата концепција која принципите на родова рамноправнаст, недискриминација и ненасилство ги става во својата основа и затоа даваат силно поддршка.
Уранија Пировска од Хелсиншки Комитет истакна дека во образованието во моментот недостига еден пристап којшто ќе овозможи меѓуетничка интеракција.
Оваа концепција ќе ја пополни таа празнина. Во оваа концепција тоа е многу видливо. Младите луѓе да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници нешто до сега недостасуваше во образовниот процес, а сето ова ќе резултира и со намалување на процентот на насилството“, рече Пировска.
Реформата во основно образование е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма. Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите, учениците и родителите.