Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претставници на Здружението на родители на деца со церебрална парализа од Скопје, на која се разговараше за важноста на развојот на социјалните услуги на локално ниво, со цел нивна поголема достапност на лицата на кои им е потребна.
„Грижата за сите граѓани подеднакво е наш приоритет. Дел од социјалната реформа која што ја спроведуваме изминатиов период е и обезбедување на поддршка за децата и семејствата на кои им е потребна и нивно вклучување во активности надвор од домот, како што се Дневните центри. На тој начин ја зголемуваме и вклученоста на децата со попреченост во заедницата,“ истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека намалувањето на старосната граница од 18-6 годишна возраст на децата со попреченост за личните асистенти е уште една од заложбите на Владата и
Министерството како надлежно, која како социјална услуга наскоро ќе биде достапна на оние на кои им е потребна. На овој начин се отвораат нови работни места, но истовремено претставува и одмена на родителот или членот од семејството во неговата грижа.
Соговорниците се согласија дека соработката и поддршката ќе продолжи и понатаму , во насока на обезбедување подобри услови и можности за лицата со попреченост како составен дел од заедницата, од општеството.