Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за различните ставови на власта и опозицијата околу претстојниот попис, изрази задоволство дека сите чинители во општеството се со став дека пописот е неопходен, и дека конечно после 20 години мора да се спроведе.
Премиерот Заев се осврна на инклузивниот пристап на власта во целиот процес и на фактот дека беа разгледани сите предлози кои ги понуди опозицијата, како што е предлогот за отпечаток од прст, како и предлогот за електронски попис.
„Го видов и предлогот на Претседателот на државата, пописот да се одложи некој месец. Сé е вредно за размислување. Но знаеме дека во лето знаеме не се спроведува попис, септември е кампања, октомври се локалните избори. Да размислиме ако се одложи да завршиме до средина на јуни. Но, еве гледаме дека опозицијата го одбива и тоа“, рече премиерот Заев.
Одговарајќи на прашањето, тој уште еднаш ја истакна важноста од спроведување на статистичката операција, попис.
„Најмалку што може да направиме за својата земја во поглед на ова прашање е да бидеме одговорни сите. Пописот ниту скратува права, ниту дава нови права. Ниту нешто ќе промени, ниту некои драми ќе се случат. Податоци ни требаат за развој на државата, за да знаеме колкави се регионите со невработеност, каде има локации за нови индустриски зони, за развој на нови економски политики, отворање на нови работни места. Ни требаат податоците како леб од секој можен аспект. Ако е прашање за фрустрацијата, дека некој не успеал да направи, а сега некој ќе успее, јас уште сега објавувам дека е заеднички успех пописот што заедно ќе го спроведеме. Мислам на власт, на опозиција, извршна власт, Претседател на држава, Парламент, заеднички ќе биде успехот. Но, должност е да се учествуваме во пописот сите“, подвлече премиерот Заев.
Премиерот Заев, уште еднаш апелираше за вклучување на најголемата опозициска партија во оваа одговорна операција затоа што последиците од било какви девијантни појави од неодговорно однесување посебно на големи политички субјекти може да бидат непоправливи.
„Не држи тврдењето дека за време на пандемија не се прави попис. Како за време на пандемија се собираат потписи? Како имавме успешни избори? Имавме и локални избори успешни. За пописот е должност на сите да застанеме заедно“, заклучи премиерот Заев.