Никола Димитров: Преспанскиот договор е потпишан согласно Уставот и Законите за Влада и за склучување и ратификација на меѓународните договори

„Преспанскиот договор не е потпишан надвор од членот на Уставот што го регулира тоа прашање и надвор од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори. Во праксата негде помалку од 1%, односно помалку и од 1, туку некаде 0,5% од вкупните меѓународни договори во име на Републиката ги има потпишано шефот на државата, Претседателот, а членот 2 од Уставот вели дека и Владата во името на Републиката може да склучува меѓународни договори и во членот 3 ги набројува кога тоа Владата може да го направи споменувајќи едно чудо области кои се присутни и регулирани во билатералниот меѓународен договор во Преспанскиот договор“, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на седницата по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањето дека Преспанскиот договор бил потпишан вон Уставот и Законите.

„Јас нема да се занимавам со тоа какво дете бил Апасиев тоа е негова работа, меѓутоа очигледно имам легитимно право да се занимавам со тоа каков политичар е, и јас мислам дека тој влегува во една интересна категорија на политичар обвинител па и политичар инквизитор, и потсетува на некој начин на средновековието кога инквизицијата имала главен збор. За нашата татковина многу Македонци и Македонки оделе во затвор и јас сум спремен таа цена да ја платам за македонската кауза. Некои оделе во затвор, а некои ги пикале во затвор ама размислете тоа вас во која категорија ве става и какво место си резервирате во македонската историја“, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на обвинувањата упатени на негова адреса од говорницата на Собранието.