Продолжуваат консултациите на Министерството за образование и наука со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година. Денеска во Велес, министерката за образование и наука Мила Царовска имаше работна средба со градоначалникот Аце Коцевски и претставници на локалните компании, во рамки на процесот за дизајнирање на наставни програми и уписни политики во средните стручни училишта прилагодени на потребите на компаниите.
„Важно е да ги усогласиме барањата на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта. Разговорите со градоначалниците и со компаниите ќе резултираат со отворање на идентификуваните профили и паралелки од идната учебна година. Како Министерство за образование и наука ќе го поттикнеме изборот на учениците на бараните занимања и со новините во стипендирањето, затоа што тоа е не само во интерес на бизнисот туку и во интерес на младите луѓе, преку поголема вработливост“, рече министерката Царовска.
Анализата на Министерството за образование и наука, во која учествуваа 450 компании, покажа дека дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар.
„Ако се создаде силна врска меѓу учениците и компаниите, добиваат сите, и младите луѓе и компаниите. За нас како општина е важно што на тој начин истовремено се поттикнува и локалниот развој“, посочи градоначалникот Коцевски.
Средните стручни училишта низ градовите конечно треба да станат места кадешто ќе се креира квалитетен стручен кадар којшто е баран на пазарот на трудот, а компаниите места кадешто учениците може да очекуваат вработување.
Социјалниот дијалог за идентификување на потребите на компаниите се одвива под мотото „Учи паметно, работи стручно“. Министерството за образование и наука за реализација на процесот соработува и има поддршка од Амбасадата на Швајцарија.