Претседателот на Владата Зоран Заев, денеска прими претставници на Сојузот на средношколци, на нивна иницијатива и разговараа за нивните барања за модифицирање на државната матура односно намалување на предметите од четири на два и скратени наставни програми.
Средношколците, како претставници на Сојузот му ги образложија на премиерот Заев своите барања, повикувајќи се на образовните модели во Франција, Белгија и Обединетото кралство, каде е намален бројот на предмети, кои матурантите ќе ги полагаат годинава.
„Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок. Свесни сме дека во време на корона кризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија“, рече премиерот Заев при средбата со претставниците на Сојузот на средношколци.
Сослушувајќи ги претставниците на Сојузот на средношколци, кои истакнаа дека остануваат на своите барања за намалување на предметите за државната матура на два екстерни предмети, премиерот Заев изрази поддршка на младите средношколци и истакна дека Владата е отворена за дијалог да разговара за изнаоѓање заедничко компромисно решение, кое е во полза на матурантите, со цел нивно квалитетно образование и во средното и понатаму во високото образование.