Средба на националниот координатор за едно општество Алаѓозовски со претставници на турската заедница: Пописот како важна алка во гарантирање на правичната застапеност

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска оствари средба со претставници на турската етничка заедница во Северна Македонија. Фокусот на средбата беше важноста од спроведување на успешен попис, во контекст на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година.

На состанокот присуствуваа заменик-министерот за политички систем и односи со заедниците Илхан Рахман, заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, градоначалникот на Центар Жупа, Аријан Ибраим, пратениците Енес Ибраим и Бејџан Илијас, Јусуф Хасани, поранешен пратеник, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Еран Куртуш, како и претставници на граѓанските здруженија, односно Устреф Емин претседател на Сојузот на турски невладини организации, Халил Абдулах, претседател на културно-уметничкото друштво „Јени Јол“ и Шахпаз Молалиев, од „Хид Бах Шен Фест Чалакли“, Валандово.

На состанокот присуствуваше и Јасмина Ѓоргиева, од Државниот завод за статистика.

Присутните беа едногласни за важноста од спроведување на оваа најмасовна статистичка операција во нашата држава. Тие се осврнаа на потребата од релевантни податоци за креирање на долгорочни политики, како на централно така и на локално ниво. Исто така, беше подвлечено значењето од спроведување на успешен попис и за професионално функционирање на граѓанските здруженија.

Како што истакна, националниот координатор Алаѓозовски, податоците добиени од пописот ќе помогнат и за соодветна имплементација на Стратегијата за едно општество, а особено за гарантирање на правичната застапеност на немнозинските заедници.

При креирањето на политики мора да бидат земени предвид спецификите на сите етнички заедници во нашата држава, а тие политики мора да се базираат на податоци добиени од пописот.

На средбата беа отворени неколку прашања поврзани со спроведувањето на пописот, можноста при попишувањето да се користат јазиците на кои зборуваат немнозинските заедници, како и правичната застапеност помеѓу попишувачите на терен.

Претставничката на ДЗС, Ѓоргиева, информираше дека секој ќе има право да биде попишан на еден од седумте јазици предвидени со Уставот на Северна Македонија, односно македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.

Заклучокот на средбата беше дека за да имаме успешен попис неопходна ќе биде вклученост на сите. Согласно своите надлежности секој треба да помогне во градење на доверба кон процесот, јакнење на свеста за важноста од истиот, како и вклучување во конкретната активност, односно попишувањето на терен.