Оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации

Институција која огласува: 
Влада на Република Северна Македонија
Рок на пријавување: 
17.03.2021

Врз основа на член 20 ставови 1 и 2 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година („Службен весник на РСМ“ бр.307/20), а во врска со член 49 став 3 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на РМ" бр.52/10, 135/11 и 55/16) и член 4 од Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на РМ“ бр.130/07), Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат распишува

ОГЛАС
за финансиска поддршка на здруженија и фондации

Распределбата на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година Раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма 10 – Администрација, ставка 463 – Трансфери до невладини организации ќе се врши во согласност со Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2021 година („Службен весник на РСМ“ бр.8/21). 

1. Вид на програми/проекти што ќе бидат поддржани 

Средствата од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 20.000.000,00 денари, ќе се користат за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, преку 20 грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари, за програми/проекти за следниве

а) приоритети:

  • обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните,
  • справување со светската пандемија предизвикана од Коронавирусот COVID 19,
  • заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени, 
  • владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност,
  • квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот,
  • модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти, и
  • успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија.

б) активности:

  • директна помош на граѓаните погодени од последиците на пандемијата предизвикана од Коронавирусот COVID 19 во остварување на правата од економските и социјални мерки на Владата и здравствените права, преку обезбедување на социјални и правни услуги, 
  • поддршка за надминување на последиците од пандемијата предизвикана од Коронавирусот COVID 19 во различни сектори, 
  • одговорно, отчетно и транспарентно работење на институциите, особено во услови на пандемија предизвикана од Коронавирусот COVID 19,
  • информирање, промовирање и унапредување на пристапот до јавните услуги, примена на иновативни и трансформативни решенија со употреба на дигиталните технологии,
  • промовирање на интердисциплинарен пристап, солидарност и заедништво, едно општество за сите, обезбедување правична застапеност, рамномерен регионален развој и поддршка на локален економски развој.

2. Временска рамка и вкупно предвидени/достапни средства

Ќе се доделат грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари еднократно, за период на спроведување на програми/проекти до крајот на 2021 година. 

3. Основни организациски критериуми 

Основни организациски критериуми кои треба да ги исполнуваат здруженијата и фондациите што учествуваат на овој оглас се:

  1. Да се регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации најмалку една година пред објавувањето на огласот;
  2. Работењето и дејствувањето е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на заедницата;
  3. Да не добиле средства или поднеле пријава од/до друг орган на државната управа или други извори за иста намена и активности за кои поднесуваат пријава, а што би значело двојно финансирање на истите активности од различни извори (не се однесува на барањата за надомест на делот за кофинансирање на ЕУ проекти од страна на крајните корисници).

4. Проценка на квалитетот на програмите/проектите

Проценката на квалитетот на програмите/проектите на здруженијата и фондациите кои ги исполнуваат основните организациски критериуми ќе се врши врз основа на следните посебни програмски критериуми:

Области

Максимум бодови
1. Организациски капацитет 20
1.1.    Дали здружението/фондацијата има организациска структура и ресурси за спроведување на проектот (вработени, активни волонтери или хонорарно ангажирани лица, канцелариски простор, техничка опрема и способност да раководи со буџетот) 10
1.2.    Дали здружението/фондацијата има искуство во областа (приоритетната цел) за која се пријавува на огласот 10
2. Мрежно работење и соработка 5
2.1. Дали здружението/фондацијата членува во мрежи и платформи на граѓански организации (национални и меѓународни) и во последните 3 години реализирале проекти во соработка со други организации или органи на државната управа 5
3. Квалитет на проектот 50
3.1.    Колку општата цел на проектот ќе придонесе кон реализацијата на дадената приоритетна цел  10
3.2.    Колку е кохерентен целокупниот проект и дали содржи јасна заложба за негово спроведување 10
3.3.    Дали спроведувањето на активностите доведуваат до остварување на предвидените резултати во проектот 10
3.4.    Дали планот за спроведување е јасен и остварлив 10
3.5.    Дали постојат јасно дефинирани индикатори за мерење на постигнувањата 10
4. Буџет и ефикасност на трошоците 20
4.1.   Дали активностите соодветно се одразуваат во буџетот 10
4.2.   Дали односот помеѓу предвидените трошоци и очекуваните резултати е соодветен 10
5. Бодови за поттикнување на рамномерен регионален развој согласно Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеноста за периодот од 2018 до 2023 година 5

 

5.    Потребна документација која здружението/фондацијата треба да ја достави 

Здруженијата и фондациите кои учествуваат на огласот треба да достават:

  1. Пријава за финансиска поддршка;
  2. Предлог – проект; 
  3. Копиja од тековна состојба од уписот во регистарот на други правни лица за регистрација на здружението/фондацијата не постара од шест месеци; 
  4. Копиja од статутот;
  5. Копиja од завршната сметка (биланс на состојба и биланс на успех) за 2020 година или изјавата доставена до Централниот регистар дека во 2020 година имале приход помал од 2.500 евра во денарска противвредност според курсот на Народна банка Република Северна Македонија;
  6. Извештај за работата со цели, активности, резултати и извори на финансирање во 2020 година.

Обрасците Пријава за финансиска поддршка и Предлог-проект се достапни на веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации:  www.nvosorabotka.gov.mk.

Напомена: 
Здруженијата и фондациите не можат да поднесат повеќе од една пријава за финансиска поддршка по огласот. 
Пријавите со непотполна документација или по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.
Доставените прилози не се враќаат.

6. Рок и начин на доставување на пријавите

Рокот за поднесување на пријавите е најдоцна до 17.3.2021 година. 
Пријавата со целокупната документација, во затворен плик со ознака „Оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации“ треба да се достави преку пошта, на адреса:

Влада на Република Северна Македонија
Генерален секретаријат
Одделение за соработка со невладини организации
бул. „Илинден“ бр.2
1000 Скопје

или лично во Одделението за соработка со невладини организации, во работни денови од 8:00 до 15:00 часот.

Прашања за појаснување може да се поставуваат на nvosorabotka@gs.gov.mk
 до 22.2.2021 година. Одговорите ќе бидат достапни на веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации www.nvosorabotka.gov.mk.

Здруженијата и фондациите учесници на огласот ќе бидат известени за резултатите во рок од 10 дена од денот на донесување на Одлуката за распределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година наменети за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации.