Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 45-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 45 седница со повеќе точки на дневен ред од програмата за работа и од интерес на граѓаните.

На денешната седница, меѓу другото, ќе биде разгледана Информацијата во врска со потребата од поднесување на апликација за техничка помош за подготовка на проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, како и Информацијата за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за воспоставување на интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра.

На предлог на Министерството за надворешни работи на дневен ред на оваа седница е Информацијата за подготовка на првата меѓународна конференција во рамките на Преспа Форумот за дијалог во Охрид и Преспа од 15 до 17 јуни 2021 година.

Министрите во Владата денеска ќе се произнесат и по Годишната програма за работа на Центарот за стручно образование и обука за 2021 година, со Годишен финансиски план, и ќе ја разгледаат Информацијата за степенот на реализација на користење на средствата за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2020 година.

Редовната, 45 седница на Владата, е предвидено да започне во 11:00 часот, а за одлуките за овие, како и за сите останати точки, јавноста ќе биде известена со соопштение.

Календар Влада: 
Вторник, Февруари 16, 2021 - 11:00 to Среда, Февруари 17, 2021 - 11:45