Прес-конференција на портпаролите на Владата, Арсовски и Хоџа: И покрај опструкциите од страна на опозицијата, Пописот 2021 дефинитивно ќе се спроведе

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 47-ма седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.

На самиот почеток владините портпароли ги соопштија најновите податоци за динамиката на имунизација на медицинскиот персонал според кои, заклучно до денеска во 10:00 часот вакцинирани се вкупно 1.510 лица, а воедно информираа и дека министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе ја преземе втората пратка вакцини од донацијата од Република Србија.

Информирајќи за одлуките на 47-мата владина седница, портпаролите соопштија дека Владата ја прифати согласноста на Комисијата за заразни болести на барањето на група општински и меѓуопштински превозници за зголемување на дозволениот број патници од 50% на 75% од вкупниот капацитет во превозните средства утврдени со закон за оваа намена.

Воедно информираа дека Владата ја разгледа Информацијата за доделување на грант преку 25-ти повик за техничка помош и за 6-от повик за инвестициски грант за изградба на делницата Крива Паланка - граница со Република Бугарија како дел од коридорот VIII, и во таа насока му укажува на ЈП за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“- Скопје, да ја достави апликацијата за овој грант до Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF).

Со овој грант значително ќе се забрза процесот на довршување на железничката пруга меѓу Северна Македонија и Бугарија, како дел од обврските на нашата земја во развојот на Паневропскиот коридор 8.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика Владата ја разгледа и усвои Информацијата за проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективната социоекономска интеграција на Ромите повратници од Западен Балкан“, и ги задолжи Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на Претседателот на Владата да ги координираат активностите за имплементацијата на проектот.

Портпаролите информираа дека Владата ја усвои Информацијата за проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“. Станува збор за реконструкција на студентските домови, кои со овој проект ќе станат енергетски ефикасни и ќе овозможат студентски комфор и подобра средина за живеење и учење на студентите. Програмата ќе се започне со студентскиот дом „Стив Наумов“  во Скопје, а со овој капитален зафат ќе бидат опфатени и студентските домови во Прилеп, Битола, Охрид и Штип.

Во однос на деталите за реализација на проектот за Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, портпаролот Хоџа одговарајќи на новинарско прашање истакна дека овој проект претставува капитална инвестиција и влог во нашата иднина, кој ќе ги унапреди условите за учење на студентите.

„Рокот за реализација на овој проект е до 2025 година, а истиот ќе чини околу 24 милиони евра, додека пак средствата за 2021 година се предвидени во предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за образование и наука“, истакна портпаролот Хоџа.

Одговарајќи на новинарско прашање за случајот со бегството на Сашо Мијалков, портпаролот Арсовски истакна дека тој во моментов се наоѓа во притвор и правдата е обезбедена.

„Институциите ги презедоа сите редовни и вонредни мерки во врска со бегството на Сашо Мијалков. Тој се пријави во Обвинителството за организиран криминал и обезбеден е неговиот домашен притвор. Координацијата помеѓу сите институции со сите активности што се презедоа во последниве два дена дадоа резултат. Владата нема да толерира ситуации коишто ја уриваат довербата во системот. Правдата е обезбедена, тоа е најважно!“, нагласи Арсовски.

Во однос на прашањето за опструкциите од страна на опозицијата за Пописот 2021, портпаролот Арсовски информираше дека Пописот дефинитивно ќе се спроведе во месец април.

„Пописот ѝ е неопходен на државата. Секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистичка операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата. Методологијата е дефинирана. Сите подготовки се во тек. Од први почнува пописот на нерезидентното население“, посочи Арсовски.

На новинарско прашање за развојот на настаните со соседна Бугарија, портпаролот Арсовски информираше дека министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска патува за Софија каде ќе има посебна средба со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, а во фокусот на разговорите е Акцискиот план, кој е во финална фаза.

На прашање за реализацијата на изградбата на пругата кон Бугарија, портпаролот Арсовски соопшти дека се одвива во три фази.

„За Првата од Куманово до Бељаковце се обезбедени 47 милиони евра и таму изградбата е 55% реализирана, но знаете дека се раскина договорот со изведувачот. За Втората фаза се обезбедени 147 милиони евра – 70 милиони од нив се од ЕБОР, 70 милиони се грант од ЕУ. Бидејќи за оваа фаза се распиша тендер за изведувач, а беше раскинат договорот за првата фаза, Владата донесе одлука да го поништи тендерот за втората фаза и двете фази - првата и втората да се тендерираат заедно.  Претквалификацијата на оние што се пријавија заврши, а сега  ЕБОР ги евалуира фирмите што влегоа во квалификација.  За Третата фаза од пругата претходно се обезбедени 60 милиони евра грант преку ИПА 2. Сега ЈП „Железничка инфраструктура“ аплицира за 150 милиони евра до фондот ВБИФ“, информираше Арсовски.

Во однос на неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со градоначалниците од општините Охрид, Струга и Дебрца, кои го опфаќаат Охридскиот Регион заштитен од УНЕСКО, портпаролот Арсовски информираше дека станува збор за  усогласување на напорите централната и локалните власти за заедничка акција за отстранување на ризиците по заштитениот Охридски Регион и Охридското Езеро.

Тој наведе дека на средбата премиерот Заев им пренесе на градоначалниците дека претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата и надлежните ресорни министерства како централна власт и на општините Охрид, Струга и Дебрца.

„Премиерот Заев ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини за усогласено спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион со плановите за развој на општините, водејќи грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство. Заедничка констатација на средбата беше да продолжи координацијата меѓу Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион и на развојните планови на општините“, истакна Арсовски.