Прес-конференција на портпаролот на Владата: Забрана за движење од 22:00 часот до 5:00 часот наутро наредниот ден, почнувајќи од 10 март до 22 март; за движење важат претходно издадените дозволи од минатата година

Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски на денешната прес-конференција информираше за повеќе детали во врска со Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот САРС-КОВ-2, случаите и временскиот период на нивна примена, со што се забранува движење на населението и на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 22:00 часот до 5:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 10 март 2021 година (среда) до 22 март 2021 година (понеделник), донесена на 51-вата Владина седница.

„Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои, за време на полицискиот час, како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници“, објасни Арсовски додавајќи дека за транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите  што транзитираат најмногу ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин.

Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полициски при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.

Портпаролот Арсовски информираше дека со заклучок на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана на движење.

Потврдите издадени минатата година преку порталот uslugi.gov.mk за правните лица, остануваат да важат. Доколку има потреба од нови дозволи за движење, за државни институции, за вработени кои досега немале вакви дозволи ќе бидат издавани преку овој портал.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи, при што ги дадат потребните лични податоци за себе и за оној кој ќе ги придружува притоа информирајќи за линијата на движење.

Дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба, ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, во соработка со надлежните органи на државната управа.

Со оваа одлука на Владата се опфатени и сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од Африканскиот континент, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе се упатуваат во 14 дневна домашна изолација (карантин). За местото на упатување на изолација на странските државјани ќе биде информирано дополнително.

За сите видови групни или индивидуални патувања, патниците од земјите од Африканскиот континент кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе биде потпишување на Изјава за транзитирање.