ЗПВ Николовски, Ивановска и Мирчевски на увид во новите простории на ДКСК: Сите ресурси ги ставаме во служба на реализација на Планот за борба против корупција, ДКСК наскоро се вселува во новите простории

Денеска заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски заедно со директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчевски и со претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, беа во новите простории каде што ќе бидат сместени вработените од ДКСК. Просториите се наоѓаат во зградата на СОЗР, на три ката со вкупна површина од 2429,5 метри квадратни. Новите простории и беа доделени на ДКСК, со одлука на Влада, а со цел  непречено извршување на нивната работа. Вицепремиерот Николовски посочи дека со обезбедувањето на новите простории за ДКСК, се решава еден наследен долгогодишен проблем и се обезбедуваат соодветни простории за функционирање на Комисијата, како независно тело кое има важна улуга во навремено откривање на случаите поврзани со корупција.

„Оваа Влада покажува комлетна насоченост и почитување кон сите независни регулаторни тела во државата, а пред  се кон Државната комисија за спречување корупција. Изминатиов период лично се заложив за Комисијата да добие нови простории, и со одлука на Влада, ДКСК во оваа зграда доби три ката. Тоа се  најдобрите простории со кои моментално располага државата, преку Службата за општи и зеднички работи“, изјави вицепремиерот Николовски.

Директорот на СОЗР, Мирчевски посочи дека Службата за општи и заеднички работи во најкраток можен рок го спроведе задолжението што го добиено од Владата за доделување простории за Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Ние сме горди што можеме да придонесеме кон Акцискиот план за борба против корупцијата и со тоа да помогнеме кон спроведување на можеби и најважната определба на оваа Влада во наредиот период во нашата држава.
Повеќе од јасно е дека борбата против корупцијата бара темелна соработка меѓу надлежните институции, министерствата, независните институции како што се ДКСК и судовите, невладиниот и приватниот сектор.
Службата стои на располагање за се што потребно како поддршка на оваа борба, тоа им го должиме на граѓаните“, изјави директорот Мирчевски.
Директорката на ДКСК, Ивановска изјави дека од голема важност тоа што се најде соодвето решение за нови простории за Комисијата.

„Добро е што се најде конечно решение, а со тоа решение да одговориме на обврските пред меѓународната заедница којашто ни испорача помош во вид на опрема, сервери за коишто во овие простории најдовме соодветни услови. Во однос на другите предвизвици како што е обезбедување на софтвер, Владата донесе одлука за повеќегодишна набавка на тоа апликативно решение, за кое веќе распишавме тендер и во тек е опстапката“, изјави претседателката на ДКСК, Ивановска. 

Вицепремиерот Николовски, потенцираше дека освен обезбедувањето на нови простории, изминатопт период се преземаа и други мерки за функционирање на Комисијата. Со одлука на Влада на ДКСК им се одобрија 48,9 милиони денари за набавка за изработка на Регистар на избрани и именувани лица, електронско доставување на изјава за имотна состојба и интереси, нивно објавување, систем за прибирање на податоци од други институции, нивна обработка, модул за менаџирање со документи и одржување на целокупниот систем.  Овој Регистар е особено важен и за поврзување на 17-те институции од коишто треба да се црпат релевантни информации при откривањето на случаи поврзани со корупција и судир на интереси. Во однос на Планот за борба против корупција, вицепремиерот Николовски посочи дека со ДКСК ќе се соработува во делот на мерката што предвидува измени Законот за спречување на корупција и судир на интереси, со коишто измени е предвидено допрецизирање на судирот на интереси во делот кој се однесува на вршење на две или повеќе јавни функции, наведување на сите лица кои треба да достават анкетен лист до ДКСК, проширување на надлежностите на ДКСК во делот на носење и  спроведување на Планот за интегритет  и друго. 

Исто така, Николовски посочи дека и во иднина ќе продолжат  редовните координации со ДКСК, на коишто се отвораат како прашања сите слабости и потреби од преземање на соодветни навремени мерки.