Од 61-вата седница на Владата: Донесена одлука за кризна состојба на дел од територијата; Одлука СЦ „Борис Трајковски“ да биде вакцинален центар; Одобрена прераспределба на средства за капитални проекти во образованието

Владата на Република Северна Македонија на денешната 61-ва седница ги разгледа и усвои Записникот од седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 1 април 2021 година, со Записник од седницата на Групата за процена, одржана исто така на 01.04.2021 година и донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за вирусот SARS-CoV-2 и спречување од негово ширење, со кои се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението.

Со оваа одлука периодот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија се определува најмногу до 30 дена, почнувајќи од 1 април 2021 година.

Во врска со оваа одлука Владата донесе заклучок да се информира Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија, и заклучи да му предложи на Претседателот на Република Северна Македонија да донесе одлука за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справувањето со кризната состојба.

Владата му препорача на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со ситуацијата на подрачјата на јужната и северната граница на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со кризната состојба.

На оваа своја седница Владата го задолжи Министерството за здравство, врз основа на одлуката за кризна состојба на дел од територијата на Северна Македонија, да ги ангажира сите свои стручни и други неопходни капацитети за спроведување на масовна вакцинација во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Со заклучок по оваа точка Владата го задолжи СЦ „Борис Трајковски“ да ги отстапи своите простории на Министерството за здравство за спроведување на масовната вакцинација согласно Национален план за вакцинација против КОВИД-19 во Северна Македонија.

На денешната седница е донесена и одлука за прераспределба на ставки во буџетот на Министерството за образование и наука за обезбедување на средства за реализација на капитални инвестиции за изведување на градежни работи, за потребите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје во висина од 3.300.000 денари, 31.400.000 денари за реконструкција на основни училишта, 2.800.000 денари за реконструкција на средни училишта, како и 11.200.000 денари за Студентскиот дом – Тетово.