Премиерот Заев, министерката Шахпаска и градоначалникот Јованоски: После 40 години Прилеп добива нова модерна градинка според највисоките стандарди за зелени и енергетски ефикасни објекти

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и со градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, денеска го означија стартот на работите на нова градинка во Прилеп, во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.

Претседателот на Владата Заев во својата изјава за медиумите истакна дека особено важна карактеристика на овој проект е што ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со  А+ енергетска класа.

„Иновативноста на проектот оди  уште чекор понатаму и предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот. Дополнително, на кровната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20kW за производство на струја која ќе се користи за потребите на самата  градинка со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда“, нагласи премиерот Заев.

Заев уште додаде дека објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас.

„Ова го нагласувам и заради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка. Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Во текот на оваа година ќе бидат довршени уште 13 градинки, а во постапка е изготвување на Програмата за отпочнување на проекти за изградба на нови објекти за згрижување на деца“, потенцираше премиерот Заев во изјавата за медиумите по повод стартот на работите на новата градинка во Прилеп.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изјави дека навистина радува фактот што после 40 години во Прилеп се гради нова градинка, и дека градењето на нови и проширувањето на другите градинки е еден од приоритетите на Владата и на Министерството за труд и социјална политика.

„Покрај изградбата и проширување на капацитетите, вложуваме и во зајакнувањето на компетенциите на стручниот кадар, кој треба да биде подготвен да одговори на сите предизвици. Денешниот настан е уште еден позитивен пример за одличната соработка меѓу локалната и централната власт“, истакна министерката Шахпаска.

Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски го потенцираше фактот новата градинка е целосно финансиран од страна на Општината за што се издвоени од 133 милиони денари.

„Со гордост можам да истакнам дека за седум месеци од денеска, колку што е и предвидено да трае изградбата на објектот, Прилеп ќе добие нова, современа и европска детска градинка, една од најубавите во државата“, соопшти градоначалникот Јованоски на настанот по повод стартот на работите на новата градинка во Прилеп.


Премиерот Заев на стартот на работите на новата градинка во Прилеп: Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата и на локалните самоуправи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и со градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, денеска го означија стартот на работите на нова градинка во Прилеп, во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.

Како дел од пакетот соопштенија од овој настан ви ја пренесуваме и изјавата на премиерот Заев во целост:

„Со огромно задоволство ја прифатив поканата да бидам дел од овој настан денеска со кој го одбележуваме почетокот на работите на нова градинка во Прилеп.

Станува збор за изградба на целосно нов објект за потребите на Јавната Општинска Установа Детски градинки „Наша Иднина“ од Прилеп, овде во населбата „Точила“, која ќе има сместувачки капацитет за 252 деца.

Сепак, сакам да издвојам една за мене една особено важна карактеристика на проектот, а тоа е дека градинката е проектирана да ги исполни сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со  А+ енергетска класа.

Во градинката ќе биде инсталирана воздушна топлотна пумпа со рекуперација на топлина, со која се намалуваат трошоците за греење и ладење до 50% годишно. За загревање на објектот е предвидено централно греење со подно греење како најповолно за ваков тип на објекти.

Иновативноста на проектот оди  уште чекор понатаму и  предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. 
Како таков, зелениот покрив нуди одлична топлинска изолација преку целата година – во текот на зимата ја задржува топлината во објектот, а во лето го освежува просторот. Додека во лето температурата на класичните покриви може да достигне и до 65° С, кај зелените покриви таа е 16 – 17° С.

Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот.

Дополнително, на кровната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20kW за производство на струја која ќе се користи за потребите на самата  градинка со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда.

За објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарната мрежа за гас.

Ова го нагласувам и заради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка.

Почитувани, 

Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Во текот на оваа година ќе бидат довршени уште 13 градинки, а во постапка е изготвување на Програмата за отпочнување на проекти за изградба на нови објекти за згрижување на деца.

Значајно е и тоа што овој проект е целосно финансиран од страна на Општина Прилеп и е во вредност од 133 милиони денари.

Покрај занималните и јаслите, во склоп на градинката е проектирана и современа, комплетно опремена централна кујна, која ќе ги опслужува со оброци и децата од останатите градинки. Опремата за кујната и опремата во градинката се донација од Министерството за труд и социјална политика.
Уште еднаш, честитки до општината и до граѓаните на Прилеп за уште еден значаен објект за иднината на нивните деца.“