Денеска заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, беа во посета на граничниот премин Деве Баир, кадешто одржаа работен состанок со управителот на граничниот премин. На состанокот се разговараше за улогата на Царинската управа во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал, за мерките од усвоениот План за борба против корупција, како и за отворената линија на Царинска управа за пријавување на корупција.
Вицепремиерот Николовски посочи дека Царинската управа е една од институциите којашто има значајна улога во превенцијата и сузбивањето на корупцијата и криминалот.
„Борбата против корупцијата бара активна улога на сите чинители на системот преку инволвираност и здружување на целокупните капацитети во општеството, како и преку соодветни ефикасни кривични постапки и постапки за испитување на имотната состојба и конфискација на имотната корист стекната преку кривични дела. Никој не е недопирлив во системската борба против корупцијата и криминалот. Сите институции мора да бидат во служба на граѓаните. Воспоставуваме систем за ефикасна и севкупна борба против корупција на сите нивоа и во сите сфери преку зајакнување на соработката меѓу институциите надлежни за борба против корупцијата. Една од институциите којашто има значајна улога во превенцијата и сузбивањето на корупцијата и криминалот, е Царинската Управа“, рече вицепремиерот Николовски.
Директорот на Царинска управа, Сугарески, посочи дека Управата преку своите механизми, а во насока на откривање и казнување, континуирано се собираат информации од учесниците во царинските постапки со давање на гаранција на анонимност, преку отворената бесплатна царинска линија 197, он лајн или со електронската пријава поставена на официјалната веб страница и- по писмен пат.
„ Како резултат на кампањата „СТОП за КОРУПЦИЈАТА“ која се спроведува од април 2018 година, зголемен е бројот на примени поднесоци во 2020 година, споредбено со 2017, 2018 и 2019 година. Покрај овие активности Царинската управа спроведува и анкети, внатрешни и надворешни , со кои се мери нивото на изложеност на злоупотреба на службената должност и појава на коруптивни активности. Резултатите и анализите од овие анкети се користат како основа за креирање на политиката на спречување на корупцијата и судир на интереси, јакнење на интегритетот на ЦУ и истите придонесуваат за правилно одредување на идните конкретни активности во областа на борбата против корупција“, рече директорот Сугарески.
Вицепремиерот Николовски на состанокот ги презентираше мерките од Планот за борба против корупција, како и идните планирани активности кои како системски мерки ќе придонесат во борбата против корупцијата и криминалот. При тоа вицепремиерот потенцираше дека акциите што ги презема Царинската Управа се особено важни за навремено откривање и спречување на нелегална трговија, неплаќање на давачки, корупција, криминал – се она што е погубно за економијата и трговијата со меѓународните партнери. Спречувањето на овие појави особено на граничните премини, е еден од приоритетите на Владата, и затоа во координација со Царинската Управа, активно се работи на системски мерки и активности за спречување на појава на корупција и криминал, рече вицепремиерот Николовски.