Министерство за образование и наука: Преку современи учебници без грешки го подигаме квалитетот на образовниот процес

Реакциите на јавноста дека во училиштата се применуваат парталави учебници кои имаат застарена и несоодветна содржина, многу технички и граматички грешки, нелогичности и дискриминација, стануваат минато. Од идната учебна година започнува етапната замена на материјалите за учење од кои се едуцираат нашите ученици. По усвојувањето на новата Концепција за основно образование и изработката на новите наставни програми, се воведува и современа дидактика со која значително ќе се подобри квалитетот на воспитно – образовниот процес и наставата.   

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија усвои целосно нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали со кој се менува начинот на изработка и одобрување на материјалите за учење, се елиминираат грешките од сите аспекти, а воедно фокусот е ставен и на дигитализацијата, односно на обезбедување на други форми на достапност, покрај хартиената верзија на учебниците.  

Законот е дел од планот за темелна реформа на националниот образовен систем. Истиот е изготвен согласно приоритетите во Стратегијата за образование 2018-2025 година и врз база на целосно нов Концепт за наставни и дидактички материјали, во кој се содржани најдобрите искуства и практики од неколку европски земји кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник. 

Отсега, учебници ќе се пишуваат на јазик кој е разбирлив и соодветен на возраста на учениците. За да нема грешки во содржината, како и за додавање на теми кои недостасувале досега, а се поврзани со родовата еднаквост, мултикултурализмот, почитувањето на различностите и слично, се поставуваат повеќе филтри во текот на целиот процес на изработка на учебниците кој ќе се спроведува транспарентно и без можности за склучување на ексклузивни договори со одредени издавачи куќи или автори. 

Дигитализацијата на учебниците дозволува тие да се ревидираат секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини кои не соодветствуваат на реалноста. Ова е клучна промена и придобивка со кој се обезбедуваат современи дидактички средства кои се прилагодуваат на брзите општествени промени и трендови.

Законот предвидува за секој наставен предмет, наместо само еден, да се применуваат најмногу до три учебници. Се работи за светски позната практика на отворени образовни ресурси, преку која се обезбедува автономија на наставниците во изборот на литература, затоа што тие самите на ниво на училишен колектив ќе одлучуваат кој од одобрените учебници по секој предмет ќе се користи во наставата.

Суштински важна придобивка од законот е дигитализацијата. Учебници во хартиена форма ќе добиваат учениците од прво до трето одделение, имајќи предвид дека првите години од воспитание и образование на децата се клучни за поставувањето на основите на писменост и градење однос кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритетност ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма збогатени со мултимедиални содржини -  филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, односно стануваат достапни електронските и аудио учебниците, поставени на една и единствена електронска платформа. За учениците со оштетен вид ќе се изработуваат и учебници на Брајово писмо. 

Министерството за образование и наука заедно со другите надлежни институции на системот, засегнатите чинители, граѓански здруженија, експерти и меѓународни партнерски организации продолжуваат со конкретизирање и имплементација на планот за унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, целејќи кон градење на образование што ќе создава уште подобро подготвени генерации на ученици.