Од 66-та седница на Владата: Донесен 6-от пакет антикризни економски мерки; Продолжени мерките за ограничување на движењето до 27 април; Усвоен колективниот договор за високо образование и наука

Владата на Република Северна Македонија на денешната 66-та седница го усвои Шестиот пакет антикризни економски мерки вреден 17,8 милиони евра за поддршка на дејностите кои беа целосно затворени со цел превенирање на ширењето на корона вирусот во текот на месец април 2021, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат во текот на 2021 година.

Повеќе информации за мерките од Шестиот пакет: https://vlada.mk/node/24947

 

На оваа своја седница Владата донесе одлука со која постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на КОВИД-19, кои се со важност до 20 април 2021 година (вторник), да продолжат да се применуваат до 27 април 2021 година (вторник).

Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.

Исклучок се донесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.

Владата на оваа седница на предлог на Комисијата за заразни болести го одобри Протоколот за постапување при реализација на државните и меѓународните тестирања во основните и средните училишта.

 

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување на Колективен договор за високо образование и наука и ја овласти Мила Царовска, министерка за образование и наука да го потпише Колективниот договор за високо образование и наука.

Со колективниот договор за првпат по 30 години се уредува системот на плати, се утврдува основната бруто плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование. Дополнително предвидено е зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во септември 2021 година и во септември 2022 година.

Едно од позабележителните постигнувања со овој Колективен договор е и уредувањето на исплатата за минат труд, кој во изминатиот десетгодишен период или не се исплаќал или се исплаќаа со големи потешкотии од страна на високообразовните установи.

 

На оваа своја седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието со кој се врши усогласување на надлежностите на Бирото со другите закони кои ја тангираат неговата работа, како што се законите кои го регулираат основното и средното образование, учебниците, статусот на наставниците и стручните соработници и сл.

Со овој Предлог-закон ќе се воспостави и развива портал за учење од далечина и дигитални содржини за користење во наставата, што е од исклучително значење во последно време со пандемијата со КОВИД-19, при што се земаат во предвид и глобалните тенденции во насока на развој на учење од далечина.

Со новите законски решенија се овозможува и ангажирање на стручни лица кои во целост ќе одговорат на законските надлежности на Бирото, а со тоа и за унапредување и развојот на образованието.

 

На предлог на Министерството за економија Владата донесе одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот „с. Долно Коњаре“, Oпштина Петровец, врз основа на извршениот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина со кој е утврдено дека концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, односно експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња.

 

На денешната седница Владата даде согласност на Одлуката за избор на најповолна понуда во постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на две фотонапонски електроцентрали што ја спроведе Акционерско друштво за производство на електрична енергија, „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).

Со оваа одлука на ЕСМ за најповолни се прогласуваат понудите на компаниите „Фортис Енерџи Електрик“ од Турција и „Соларпро холдинг“ од Бугарија кои на местото не некогашната термоелектрана Осломеј треба да изградат по една фотонапонска електроцентрала од 50 мегавати од кои на јавниот партнер, односно ЕСМ ќе му припаднат 18,510% од произведената електрична енергија („Фортис Енерџи Електрик“) и 18,010% („Соларпро холдинг“).

 

Владата денеска донесе повеќе одлуки за давање согласност за долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија во атарот на Општина Свети Николе заради изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, односно за изградба на фотонапонски електрични централи.

 

Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, кој, меѓу другото, има за цел во опфатот на законот да влезе и да се уреди начинот на проверка и потврдување на исполнетоста на условите за учество на економските оператори регистрирани во Република Северна Македонија во постапките за набавки за потребите на НАТО и нејзините земји-членки. Со овие законски измени се отвора можноста економските оператори од Република Северна Македонија да учествуваат во постапките за набавки на НАТО под исти услови како и економските оператори од другите земји членки на организацијата.

 

На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата со планирани активности за дигитализација во судството за 2021 година.

Планот содржи активности кои ќе се одвиваат во повеќе фази, започнувајќи од измени на постоечката легислативна рамка како основа за преземање процесни дејствија (е-маил и Е-достава) со учесниците во постапките, ИКТ алатки за судења на далечина или изведување само на некои докази на тој начин, преку обезбедување на судовите со соодветна ИКТ опрема, интернет конекција и други потребни уреди за изработка на електронски документи, користење дигитални сертификати (потписи) и дефинирање на дигитален идентитет за странките, адвокатите и другите учесници во постапката, како и унапредување на АКМИС-от, обезбедување доволно ИТ кадри и нивна континуирана обука за користење на системот и опремата.

Покрај опремувањето на повеќе од 100 судници низ 34 судовите во Северна Македонија (27 основни судови, четири Апелациони судови, Управен и Виш Управен како и Врховниот суд), со планот за дигитализација во судството се предвидува да се опреми и судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители како и во Затворот Идризово. Опремувањето на судниците за онлајн судење е предвидено да се реализира до крајот на 2021 година.

 

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за давање на согласност за распишување на Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари по пат на електронско јавно наддавање, како прв за оваа намена во 2021 година.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на денешната седница е усвоена Програма за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година со буџет од 25.000.000 денари, со која е предводено да се реализираат активности за поддршка на плански региони за подобрување на пристапот до обработливи површини во подрачја на интензивна земјоделска дејност.

 

Врз основа на позитивното мислење на Националниот совет за културно наследство, на предлог на Министерството за култура, Владата денеска донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење во поткатегорија - исклучително значење.

Со донесувањето на оваа одлуката се обезбедува трајна заштита на скопскиот Аквадуктот кој е изграден во VI век, а бил целосно реконструиран кон крајот на XV век.

 

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец април 2021 година, и го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 23.04.2021 година, а на деловните банки им се препорачува да обезбедат пензионерите да може да располагаат со априлските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.04.2021 година.

Готовинската исплата на пензии за клиентите кои не користат картички ќе се оствари во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

  • За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.04.2021 година (понеделник);
  • За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.04.2021 година (вторник);
  • За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.04.2021 година (среда); и
  • За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 29.04.2021 година (четврток), со што сите корисници на пензии ќе ги добијат своите средства пред првомајските и велигденските празници.

 

По извршените консултации со голем број компании од ИКТ индустријата, на денешната седница Владата донесе заклучок за формирање работна група за подготовка на Национална стратегија за вештачка интелигенција, и го задолжи Фондот за иновации и технолошки развој да обезбеди номинации членови на работна група за изготвување на национална стратегија за вештачка интелигенција.

Изготвувањето на Стратегијата произлегува од определбата на Владата за долгорочно стратешко планирање и на стратегијата треба да се гледа како дел од планот за економски развој на Република Северна Македонија и дел од Националната развојна стратегија 2021-2041.

Иницијативата за креирање на Национална стратегија за вештачка интелигенција е со цел да се овозможи дигитална трансформација на целата индустрија, ќе им овозможи на компаниите да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат и ќе создаде можности за развој на вештачката интелигенција од страна на компаниите.