Царовска: Во училиште се учи љубовта кон планетата Земја

„Во глобалната акција за спасување на планетата Земја, децата односно учениците заземаат централно место. Подигнувањето на свеста за потребата од заштита на околината од најмали нозе, придонесува за иднината на целата Земја. Стекнувањето на основните информации преку конкретни истражувања, односно искуствено научени лекции, се основните предуслови да се осознаат проблемите, но и поголем мотив да се делува во насока на заштитата на животната средина и активно вклучување на младите во сите фази на заштитата. Всушност, во училиште се учи љубовта кон планетата Земја.“ 

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешниот настан организиран од Министерството за животна средина, Министерството за образование и наука и Американската амбасада во Скопје,  по повод Денот на планетата Земја – 22 април. На настанот беше најавено повторно активирање на програмата за заштита на животната средина – ГЛОБЕ, а воедно и  промовирано ново издание на Водичот за учители, со цел наставниците во училиштата да го обноват и надградат знаењето поврзано со темата за заштита на животната средина и истото соодветно да го пренесат на ученици. 

„Задоволство ми е што повторно заедно со нашите партнери ја активираме програмата за заштита на планетата Земја – ГЛОБЕ во чии рамки наставници кои се веќе обучени како тренери во претходни циклуси на обуки поврзани со темата, сега повторно ќе го обноват своето знаење и ќе го пренесат на нивните колеги, а потоа сите заедно ќе ги едуцираат децата како правилно да се однесуваат кон средината во која живеат и со тоа ќе дадат придонес кон глобалната акција за заштита на Земјата“, рече министерката Царовска. 

Потенцираше дека Северна Македонија посветува сериозно внимание на тоа да оваа тема допре до најмладите и во таа насока истата ќе се интегрира во сите нови наставни програми кои се изработуваат согласно новата Концепција за основно образование, а воедно наставниците покрај активностите за време на наставата, ќе имаат можност и преку дополнителни воннаставни активности да ја подигнуваат свеста кај младите за заштита на животната средина.  

Инаку, во Република Северна Македонија GLOBE програмата започна да се имплементира од 24 август 1998 година и досега се вклучени 29 училишта, односно 15 средни и 14 основни училишта од целата територија на државата. Оваа Програма нуди можности за децата на училишна возраст да научат повеќе за планетата Земја, да добијат основни информации, да ги идентификуваат ризиците по животната средина, да ги разберат, анализираат и да преземат акција.