Заев: Анти-кризните мерки даваат резултати, економијата закрепнува и тоа го потврдува наплатата на ДДВ која е повисока за 54% во однос на април 2020 година

„Имаме позитивни сигнали дека економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа: високиот раст на извозот, растот на трговијата, зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата, тоа во услови на економска криза заради пандемијата, а како директен ефект на сите донесени анти-кризни мерки за ублажување на последиците по економијата, стопанството и стандардот на граѓаните“, истакна премиерот Заев на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.

„Буџетските приходи се повисоки во однос на преткризниот период, 4,4% е растот на вкупните приходи, 5% е растот на даноците и придонесите. Вториот пакет економски мерки е имплементиран 100%, а севкупна имплементација од четирите пакет мерки изнесува 82% или 860 милиони евра. Мерките од петтиот и шестиот пакет се во тек, и сето тоа помогна да го подобриме економскиот резултат за 4,2 процентни поени“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.

„Позитивните движења во економијата најлесно и најбрзо може да се детектираат преку приходната страна на буџетот“, рече премиерот Заев и соопшти дека во март 2021 година, Управата за јавни приходи реализира наплата на даноците во износ од 7.720.610.346,00 денари, што во споредба со истиот месец во 2020 година претставува повисока наплата кај даноците од страна на компаниите, што е добар знак дека економијата постепено закрепнува.

„Само во април 2021 година приходот од данокот на додадена вредност се бележи наплата повисока за 54% во однос на април 2020 година“, нагласи премиерот Заев.

Премиерот Заев додаде дека стопанството е поддржано како никогаш досега и потенцираше дека  редовно се исплаќаат платите, пензиите, социјалната заштита, и ги реализираме сите мерки за поддршка на економијата и граѓаните.

Во 2020 поддржани се над 840 компании со повеќе од 65 милиони евра, а со над 17 милиони евра поддржани се 400 инвестициски компании со директна поддршка.