Заев во Шпанската конфедерација на бизнис организации: Широко ги отвораме вратите на Северна Македонија за шпанските бизнисмени како пријателска средина за странски инвестиции

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, работната посета на Кралството Шпанија, во рамките на неговата европска агенда, денеска ја започна со состанок во Шпанската конфедерација на бизнис организации (CEOE).

На средбата со претседателот на конфедерацијата Антонио Гараменди, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, премиерот Заев истакна дека неговата посета на Шпанија, меѓу другото, има за цел да покаже дека Северна Македонија ги отвора широко вратите за шпанските инвеститори.

Премиерот Заев ја претстави економската програма за финансиска поддршка за директните странски инвестиции во земјата како и сите други поволности како даночните, царинските и другите олеснувања за странските компании и додаде дека Северна Македонија како раскрсница на Западен Балкан и на Југоисточна Европа, претставува своевиден хаб од кој понатаму нуди развој и бизнис експанзија и на други пазари.

„Нашата економија се развива врз принципите на слободниот пазар и ги негува најдобрите европски и светски вредности за водење бизнис. Северна Македонија развива пријателска средина за странските инвестиции и тоа го потврдуваат десетици најреномирани компании од светот“, потенцираше премиерот Заев на средбата и додаде дека за шпанските инвеститори од посебен интерес можат да бидат вложувањата во зелената дигитална економија, обновливите извори на енергија, земјоделството и транспортната инфраструктура како поволни области за соработка.

Претседателот на Шпанската конфедерација на бизнис организации Антонио Гараменди, на средбата истакна дека тие со внимание го следат развојот на Северна Македонија, перформансите на бизнис средината во земјата и дека една од главните причини за интересот на бизнисмените од оваа конфедерација се должи на стабилната и предвидлива економска ситуација.

Гараменди додаде дека Конфедерацијата ќе даде сериозен придонес Северна Македонија да биде ставена на мапата за инвестиции на шпанските компании кои, во најголем дел покажуваат интерес за инвестиции во сферата на инфраструктурата, обновливите извори на енергија и менаџментот со води.

На состанокот преовлада согласноста дека оваа средба доаѓа во вистински момент кога и во  двете земји се прават сериозни напори за заздравување и мобилност на економијата и стопанските движења после големите ограничувања од кризата што ја донесе пандемијата.