Премиерот Заев и амбасадорот на САД во Грција Пајат ги потврдија придобивките од Договорот од Преспа и силно ги поддржаа регионалните економско-енергетски иницијативи

На вториот ден од посетата на Атина премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат.

Амбасадорот Пајат му честиташе на премиерот Заев за импресивните постигнувања во изминатиот период нагласувајќи дека Договорот од Преспа е најпозитивното изненадување во неговиот досегашен петгодишен мандат како амбасадор на САД во Грција.

На состанокот беше подвлечено дека важноста и вредноста на Договорот од Преспа е уште поголема ако се има предвид тоа што новата грчка влада и премиерот Мицотакис го поддржаа и засилија пријателството и сојузништвото меѓу двете земји.

Премиерот Заев и амбасадорот Пајат изразија огромно задоволство што денеска Грција не само што не е пречка за напредокот, туку силно и проактивно го поддржува европскиот интегративен пат на Северна Македонија.

Премиерот Заев изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет и особено за поддршката при склучувањето на Договорот од Преспа, време кога силни влијанија неуспешно се обидуваа да го спречат остварувањето на демократските стратешки евроатлантски интеграции на земјата.

Дополнително на средбата се разговараше за економските можности кои се отворени со Договорот од Преспа, а премиерот и амбасадорот ја реафирмираа поддршката за економските комори да ги зајакнат соработките и да развиваат регионални економски проекти особено во сферата на зелената агенда, енергетиката како и обновливите извори на енергија. Амбасадорот ги поздрави напорите на Владата на Република Северна Македонија за целосно исфрлање на јагленот како ресурс за енергија за сметка на обновливите извори на енергија.

Премиерот Заев и амбасадорот Пајат се осврнаа на важноста од членството во НАТО и можностите за заедничко обезбедување на регионалната и глобалната стабилност и безбедност, а како примери беа посочени иницијативите за чување на небото на Северна Македонија од страна на соседните земји преку „ер полисинг", како и развојот на Криволак во регионален НАТО тренинг центар.

Дополнително, Заев и Пајат изразија задоволство од развојот на регионалниот енергетски проект Александруполи со што се отвора можноста за сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, диверзификација на изворите и пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни.