Средба на премиерот Заев со германскиот државен министер за Европа Рот: Германија го поддржува напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциите

Премиерот Зоран Заев попладнево во Владата на Република Северна Македонија оствари средба со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

На средбата е потврдена одличната билатерална соработка којашто ја имаат Германија и Северна Македонија во развојот на државата и посебно во делот на економијата.

Исто така, поздравена е конструктивната улога на Република Северна Македонија во регионалната политика и е изразена надеж дека преку зрели политики на меѓусебно почитување, напредок е можен.

Соопштено е дека Република Германија го поддржува напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциите. При тоа е пренесено дека Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство.

Премиерот Заев му се заблагодари на министерот Рот за сите напори коишто ги вложи германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чијашто цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамките на португалското претседателство.

„Северна Македонија е редок европски пример како низ соживот и јакнење на демократските капацитети, а притоа решавајќи ги и отворените прашања со соседите, прави темелни реформи за доброто и на граѓаните на нашата држава, но и во поширок контекст за граѓаните на Западен Балкан. Ќе продолжиме со конструктивните политики, со почитување и унапредување на односите со нашите соседи“, рече премиерот Заев.