Заев: Развиваме ефикасен систем за управување со кризи, ги ублаживме ефектите од пандемија и се фокусираме на долгорочен економски развој

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на виртуелната симулација на тема „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“, заедно со претседателот на Собранието, Талат Џафери и амбасадорка на Швајцарија во нашата земја, Сибил Зутер Техада, организирана од Националниот демократски институт во рамки на Проектот за парламентарна поддршка, наменета за клучните одговорности, структури и работни процеси во сите фази од кризата, односно – пред, за време и по кризата – и за идентификување на потенцијалните области и активности за подобрување, особено водени од искуството со пандемијата на вирусот КОВИД-19.

Во продолжение го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев. 

„Рано е да резимираме, но за потребите на ова мое обраќање по повод презентацијата на сознанијата од истражувањето „Управувањето со кризата како одговор на пандемијата со КОВИД-19 во Република Северна Македонија“, спроведена во рамките на Програмата за парламентарна поддршка финансирана од Швајцарија, во партнерство со Собранието на Република Северна Македонија и по повод симулацијата на управување со кризи насловена како „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“, чесно е да кажеме дека пандемијата со КОВИД-19 драматично го промени животот во нашата земја.

Го стави на тест целиот институционален систем како и однесувањето на сите кои во овој период имаа одговорност да се справат со оваа исклучително вонредна состојба.

Го стави на тест и личниот пристап и однесувањето на граѓаните, бидејќи и тие се соочија со пандемија со животозагрозувачки закани и со секојдневна неизвесност за нивното здравје, за здравјето на нивните најблиски и за здравјето на општеството.  

Уште повеќе што не само за нас, туку и за светот најшироко, ова беше ситуација без преседан. Ситуација за која не можевме да се повикаме ниту на некои наши претходни искуства, ниту на искуства на било која друга земја.

Оваа ситуација нѐ соочи сите нас со многу прашања и грижи. Наметна сериозни предизвици за здравјето на граѓаните, за јавното здравје, како и за економијата, а допре и некои аспекти на општата безбедносна состојба, особено во средините каде што беше неопходно да се прогласи кризна состојба.

Дополнителен предизвик за нашата земја и за институциите беше што пандемијата ја зафати Северна Македонија во време кога Собранието беше распуштено поради распишаните предвремени парламентарни избори, а извршната власт ја вршеше техничка влада. 

Техничката Влада, првенствено со мандат да ги организира и спроведе изборите, практично го пренасочи својот мандат во мерки и политики за справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја добила и законодавната власт.

Со тоа за првпат во историјата на нашата земја имавме неколку преседани од кои најзначајно беше воведувањето на вонредна состојба на територијата на целата земја и овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила што практично беше единствената алтернатива заради уставната неможност Собранието повторно да заседава. 

Светската здравствена организација на 11 март прогласи пандемија. Република Северна Македонија првите мерки ги презеде уште во јануари 2020 година, кога после драматичните настани во Народна Република Кина и Италија, светот виде дека пандемијата почнува да се разгорува и дека има сериозни смртни последици.

Првата мобилизација беше направена во рамките на Министерството за здравство кога во јануари беше објавено дека одреден персонал, соодветна инфраструктура, опрема и места за хоспитализација на патниците кај кои се утврдуваа симптоми на КОВИД-19, а кои доаѓаа на меѓународните аеродроми.

Меѓу првите мерки против ширењето на вирусот беше скенирањето на патниците на аеродромот во Скопје со термална камера, која потоа беше воведена и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и на другите гранични премини.

Непосредно потоа Владата препорача да се одложат патувањата во заразените подрачја, а Министерството за здравство беше задолжено за снабдување на училиштата, детските градинки, другите јавни институции и јавните тоалети со средства за дезинфекција и со друга заштитна опрема, како и за формирање на постојан центар за информирање на јавноста.

Кога беа донесени сите овие мерки, во земјата немавме пријавен случај на заразен пациент.

Првиот случај на КОВИД-19 кај нас е регистриран на 26 февруари.

Еден ден пред тоа Министерството за здравство формираше Координативно тело за прибирање и размена на информации за спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на КОВИД-19.

Ова тело го сочинуваа стручни луѓе од највисоките раководни тимови на Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје, Комисијата за заразни болести, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, здравствените домови, Центрите за јавно здравје, Граничната и униформираната полиција на МВР, Царинската Управа, Министерствата за транспорт и врски, за одбрана, за образование и наука, Центарот за управување со кризи, и Секторот за односи со јавност на Владата.

Нивниот посветен ангажман и правовремените реакции и соодветни постапки потврдија дека институциите на системот најсовесно, стручно и професионално ги извршуваат своите обврски и дека целиот систем е ставен во функција да одговори соодветно на предизвикот.

Ова тело, според препораките на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ги подготви првите протоколи и препораки.

Тие во оваа фаза беа подготвени за утврдување на симптоматологијата за коронавирусот низ целиот систем од граничните премини, преку Центрите за јавно здравје, до утврдениот протокол за транспорт на сомнителните случаи, како и за строго предвидените медицински постапки во лабораториите за заразни болести и до инфективните клиники каде што се применуваат болничките терапии.

Во оваа фаза најважно беше максимално да се успори ширењето на вирусот. Да се развлече неговиот интензитет во периодот што следи за да се заштити и здравствениот систем и да се создадат оптимални услови за работа на нашите пожртвувани здравствени работници да ги згрижат нашите сограѓани кои ќе се заразат со коронавирусот.

На 14 март 2020 година, со Одлука, Владата формираше Главен координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација на органите на државната управа, на правните лица основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа, во врска со спречување, внесување и ширење на КОВИД-19. 

Првенствено, задачата на Главниот координативен кризен штаб, кој сѐ уште е активен, е да изготвува заклучоци, мерки и препораки за органите на државната управа, за правните лица основани од државата, како и за единиците на локалната самоуправа и координирање на извршувањето и спроведувањето на нивните законски утврдени надлежности врз основа на доставени извештаи, записници и предлози од овие институции, во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирусот (КОВИД-19).

На тие состаноци ни пристигнуваат билтените и извештаите од болниците, Комисијата за заразни болести, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за управување со кризи и од сите релевантни државни органи и институции за да ја имаме секој ден комплетната слика за ситуацијата.

Посебно внимание посветивме на заштитата на медицинските работници и за обезбедувањето услови за максимална заштита во нивната секојдневна работа во спречувањето на пандемијата.

На 21 март 2020 на иницијатива на претседателот на техничката Влада Оливер Спасовски, беше одржан првиот состанок на економскиот совет. Ад-хок тело од кое произлегуваа насоки и препораки за справување со последиците по економијата, стопанството и финансискиот сектор од коронавирусот, во кое учествуваа претставници на Академијата на науките и уметностите (МАНУ), претставници на универзитетските заедници, деловната заедница, како и претставници на стопанските комори и опозицијата. 

По потреба, соодветно на развојот на ситуацијата, на состаноците на Економскиот совет се придружуваа и претставници на синдикатите и на здруженија на граѓани. 

Сите пакети антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаа граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на развојната македонска економија.

Вкупната вредност на сите шест пакети до сега изнесува близу 1,3 милијарди евра и огромен процент од мерките е веќе реализиран, а еден дел од нив се спроведуваат низ текот на целата оваа 2021 година.

Владата уште на почетокот на здравствената криза со коронавирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е навременото, постојано и веродостојно информирање, а со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата.

Централна алатка на таа стратегија беа и останатите дневни прес-конференции на официјалните институции, кои во зависност од динамиката и развојот на кризата се реализираат најмалку еднаш дневно. 

Дополнително беше креиран веб порталот koronavirus.gov.mk како носечка платформа на која се собираа сите информации од значење за граѓаните и од која се дистрибуираат вести и информации за сите придружни портали и мобилни апликации за здравствените аспекти, како и за сите други корисни информации за мерките за економска помош за стопанството и граѓаните.

Пристапот на медиумите до сите прес-конференции на Владата е непречен преку различни комуникациски канали - видео врска, и-мејл, телефон, чет апликации и слично.

Со ограничувањата за физичко групирање многу бргу беше обезбедена алатката за онлајн видео прес-конференции.

Некои од соседните земји донесоа уредби за информирање во време на пандемија кои веднаш беа препознаени како обид за цензура на информациите. Владата на Северна Македонија не ни помисли на такво нешто. Само повикавме на неопходност од висока професионалност и одговорност за пласирање на точни информации зад кои стојат кредибилни извори. 

За жал, во одредени ситуации, лажните вести беа побрзи од вирусот.

Затоа Владата и Секторот за односи со јавноста уште понагласено ги интензивираше:

  • Пласирањето на вистинити и релевантни информации во интерес на заштитата на јавното здравје и благосостојбата на граѓаните во контекст на пандемијата; и
  • Промовирањето на проверени информации и веродостојна содржина со појдовен извор како што е Светската здравствена организација; 

Ќе завршам со констатацијата дека за време на кризата, и ден денеска, Владата беше постојано отворена за најдобрите совети и препораки како да се справиме со последиците кои не беа само здравствени.

Реков дека за сите држави во светот ова е ситуација без преседан и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуство кое ќе ни помогне во иднина.

Од секоја криза да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењето во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формален механизам за надзор и контрола во вонредна состојба.

Затоа со задоволство прифатив да учествувам на овој настан денеска, од кој очекувам дека ќе ни даде одговори за сите аспекти на постојните процеси за управување со криза и да ги идентификуваме насоките за подобрување на сеопфатните процеси за управување со криза.

Ви благодарам“.