„Ребалансот на Буџетот е во насока на поддршка на развојот и растот на економијата, со фокус на капиталните инвестиции, стимулирање на стопанството, обезбедени се плати, пензии, субвенции за земјоделството, притоа не изостанува и поддршката за ранливите категории граѓани“, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими го презентираа утврдениот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година кој ќе биде доставен во Собранието.
Премиерот Заев подвлече дека станува збор за продуктивен ребаланс кој ги следи економските состојби, со запазена домаќинска грижа за јавните средства и максимална посветеност за справување со пандемијата.
„Економијата е стабилна и ќе расте. Владините проекции за раст на економијата остануваат 4,1% и со Ребалансот на Буџетот. Поволното меѓународно окружување и процесот на масовна имунизација во земјата се очекува да влијаат позитивно врз очекувањата и довербата на домашните инвеститори. Во таа насока, инвестициите ќе имаат значајна улога во постепеното интензивирање на економијата. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции.
Потрошувачката, исто така, е предвидено да го поддржи растот на домашната побарувачка. Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 4%, во услови на враќање на довербата и оптимизмот со масовната вакцинација, опоравување на дознаките од странство, поддржана и од преземените фискални мерки за справување со пандемијата. Позитивни ефекти врз приватната потрошувачка се очекуваат и од кредитната поддршка на банките. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3% на реална основа, којшто делумно се должи на расходите за справување со пандемијата“, изјави Заев.
Премиерот додаде дека извозот на стоки и услуги, се предвидува да забележи реален раст од 10,6%. Растот на извозната активност и на домашната побарувачка во 2021 година условуваат зголемен увоз на стоки и услуги, кој се очекува да се зголеми за 11% на реална основа.
„Креираме поволен деловен амбиент за отворање на нови работни места, поттикнати преку активните мерки и програми за вработување и поддршката за отворање нови работни места. Дополнително, растот на довербата на инвеститорите, новите инвестициски циклуси, значат раст и на побарувачката за работна сила. Очекуваме во 2021 година, бројот на вработени да се зголеми за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8%“.
На прес-конференцијата премиерот Заев истакна дека со ребалансот на Буџетот се покачуваат и приходната и расходната страна на Буџетот. Приходната се покачува за 4,7%, додека расходната за 8,6%.
„Од една страна, тука е навистина добрата наплата на приходите изминатите месеци, а од друга страна тука се потребите кои треба да се обезбедат, како повеќе средства за ковид-мерките, зголемени потреби за здравство и вакцини, средства за земјоделството и поддршка на социјалните категории. Планирани се дополнителни 14,7 милијарди денари за тековни трансфери кои се однесуваат пред се на потребните средства за имплементирање на економските мерки за справување со пандемијата. Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 31,6 милијарди денари во кој е вклучен ефектот од строга контрола на нови вработувања со цел оптимизација на јавната администрација и исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за органи на државна управа, општини, Државно правобранителство, обвинителство, фондови, агенции. Во расходите за субвенции и трансфери е планирана поддршка на земјоделскиот сектор со обезбедување на дополнителни 3 милијарди денари, како и обезбедување на средства за студентски оброк и дополнителни средства за радиодифузната дејност.
Капиталните расходи или инвестиции се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари се повисоки во однос на планот за 2021 година, што е за 26,9% повеќе. Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи. Наша цврста заложба е да инвестираме во трајни добра. Се фокусираме на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството и заштитата на животната средина“, рече Заев.
Министерот за финансии Бесими истакна дека и Владата, и експертската јавност, и меѓународните финансиски институции се согласи дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните, мора да продолжи до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Во насока на зголемувањето на капиталните инвестиции во буџетот, тој посочи дека е извршено редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи.
„Порастот од 26,9% на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, а кои се однесуваат на кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи и др, кредитна гарантна шема преку Развојната банка во периодот април-октомври 2021 година и формирање на Фонд за поддршка на истражување и развој преку Развојната банка. Кај буџетските корисници планирано е обезбедување на дополнителни средства за капитални инвестиции за реконструкција на јавните здравствени установи, во областа на детската заштита, реконструкција и опремување на старски домови и опремување на центри за лица со попреченост, во областа на патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови, како и зголемен износ на средства за рурален развој“, рече Бесими.
Бесими посочи и дека новини во Буџетот се нова потпрограма за зелен развој, нови инструменти, како развојна обврзница и зелена обврзница во кои ќе можат да инвестираат граѓаните и кои ќе бидат наменети исклучително за инвестиции и зелен (одржлив) развој, како и Планот за финансирање на забрзан раст кој ќе овозможи нови инвестиции и нови работни места, а наскоро ќе биде презентиран.
На прес-конференцијата беше соопштено дека Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, околу 8 милијарди евра ќе се реализира и претставува дополнителен стимул за економски развој преку реализација на конкретни проекти. Најголемите инвестиции се планирани во енергетиката, гасификација, туризам, здравство, преработувачката индустрија, производството.
Владините приоритети до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Ова подразбира дека поддршката ќе се реализира преку креирање развојни фондови и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија.