Премиерот Заев од Самитот за Западен Балкан во Виена: Да ја направиме 2021-ва, година на силен исчекор напред, бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска присуствува на Самитот за Западен Балкан во Виена, на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Премиерот Заев во рамки на Самитот, учествуваше на пленарен состанок заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и премиерите на Црна Гора и Косово, Здравко Кривокапиќ и Албин Курти, како и Зоран Тегелтија, претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина, албанската министерка за инфраструктура и енергија, Белинда Балуку и посебниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан Мирослав Лајчак.

Во своето обраќање, на пленарната сесија, изразувајќи благодарност за поканата на канцеларот Курц и за организацијата на Самитот за Западен Балкан ставена во перспектива на конференцијата на ЕУ - „Иднината на Европа“, премиерот Заев истакна дека дебатата се случува во клучен период од повеќе причини кои постојат и во Европската Унија и во регионот Западен Балкан.

„Со новата Европска комисија, која ја продолжува искрената определба за проширување на претходната, и со лидерите на земјите членки на Европската Унија кои ја прифатија новата методологија за проширување, оваа стратешка цел на ЕУ доби повторна виталност која не смее да се загрози со натамошни одлагања на сериозни и конкретни чекори кои се однесуваат на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан“, рече Заев оценувајќи дека Северна Македонија, со Грција покажа дека е возможно и од процес на недоразбирање да излезат како посилни пријатели и изрази уверување дека тоа е возможно и со Бугарија и затоа како што истакна „бараме и создаваме истомисленици за оваа наша цел и за ова наше уверување“.

Премиерот Заев оцени дека сега постои една солидна политичка поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која нему лично му ја потврдиле повеќемина европски лидери, како и сите највисоки претставници на Европската Унија, за време на неодамнешната посета на Брисел.

Тој изрази задоволство од препознавањето на важноста Западен Балкан да биде дел од иднината на Европа.

„Затоа да ја направиме заеднички 2021 година како година за паметење, година во која ќе биде направен силен исчекор напред бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме – нема да запреме“, заклучи премиерот Заев денеска на пленарната сесија, дел од Самитот за Западен Балкан кој се одржува во Виена, Австрија.

Премиерот Заев се заблагодари на канцеларот Курц за лидерството со кое се бори за интеграцијата на Западен Балкан и за менаџирањето на доставата на вакцините во регионот.