Заев: ЕУ има проблем, но ние не се откажуваме од нашата намера да го отвориме патот на земјата кон Европската Унија и да ја надминеме неправдата

Премиерот Зоран Заев, во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, на прашањето за надминување на долготрајното бугарско вето и за остварувањето евроинтеграциите на земјата и регионот, посочи дека и покрај искажаното трпение, понуден дијалог и пријателство, по повеќе од 16 години се чувствува резигнираност и кај политичарите во земјата, но и кај европските претставници заради недонесување одлука за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

„Дефинитивно да не може Европа да изнајде решение за ваква работа којашто во моментов е меѓу нас и Бугарија е лоша порака. Проблемот е никаков“, истакна премиерот.

Тој информираше дека со Бугарија се разговара за Патоказ за спроведување на Договорот со Бугарија за кој нашиот сосед покажува незадоволство во однос на брзината  и ефикасноста на негово спроведување.

„Решението коешто Португалското претседателство го понуди за нас и за Бугарија е креирање на Патоказ за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во тој Патоказ ги има сите можни области, од спортот, до инфраструктурата, до културата, до младите до сите области, со конкретни рокови и со конкретно задолжени институции и тоа на 18 страни. Вториот дел е интензитетот на Комисијата за историско-образовни прашања, таму не можете да кажете што кога треба да одлучат, туку се работи за интензитетот на средбите“, рече премиерот Заев.

Во интервјуто за ТВ Телма тој повтори дека не се откажува од својата намера, која како што подвлече е негова задача како премиер на државата, да го отвори патот на земјата кон Европската Унија, да се направи исчекор на овој пат, за да се надмине неправдата.

„Ќе постигнеме решение и ако сме Европејци и ако гледаме кон иднината. Можат да се решат и идентитетските прашања бидејќи тие велат дека ја прифаќаат реалноста дека сме Македонци со македонски јазик, признаени во светот, ратификувани во Обединетите нации “, заклучи премиерот одговарајќи на прашањето за надминувањето на спорот со нашиот сосед Бугарија и правење исчекор на патот на нашата земја кон Европската Унија.