Јавен Повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година

Институција која огласува: 
Влада на Република Северна Македонија
Рок на пријавување: 
09.07.2021

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија”, бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија”бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, објавува

ЈАВЕН ПОВИК
 за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година

I. ПРЕДМЕТ

Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија" бр.36/2021) (во понатамошниот текст: Програмата), дел II став 1, преку утврдување на потребата за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 со замена на постоечките нееколошки системи за греење1  во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во Република Северна Македонија.

II. ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество на јавниот повик имаат:

  • градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2020 година,
  • градовите/општините на територија на Република Северна Македонија кои немаат мерни станици во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија. 

1Надзорот над градежните активности, како и над целокупната инсталација и монтажа ќе бидат на товар на општината корисник

Учесниците на јавниот повик за реализација на Програмата се должни да достават:

III. ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ

  • Пополнето барање за јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година,
  • Извештај за нивото на PM10 и PM2.5 концентрации за 2020 година согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем, за градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат мерна станица во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија,
  • Детално разработен преглед на број на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти2 , кои користат исклучиво нееколошки систем за греење и проект за соодветна замена со тип на опрема наведена во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година,
  • Податок за број на жители на градот/општината и број на жители изложени на аерозагадување (број на лица кои ги користат услугите на институциите) за градовите/општините кои имаат мерна станица во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија.

IV. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Пополнетото барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на градоначалникот на општината, заедно со потребната документација согласно дел III од овој јавен повик.
Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса:

Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат,

бул. „Илинден“ бр. 2,

1000 Скопје

или преку предавање во архивата на Владата на Република Северна Македонија, секој работен ден од 8:00-16:00 часот.

На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ“, а под тоа „За реализација на Програма за намалување на аерозагадувањето за 2021 година“.
Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.

V. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Рокот за доставување на барањето е најдоцна до 09.07.2021 година до 16:00 часот. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок, нема да бидат разгледувани.

2Доколку за објектите за кои се аплицира претходно не биле доделени средства наменети за спроведување на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 годинa и 2020 година

VI. ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Постапката за избор на корисниците – градовите за реализација на Програмата за 2020 година, ја спроведува Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, составена од 6 членови и 6 заменици - членови и тоа: еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Владата на Република Северна Македонија – Канцеларија на Претседател на Влада, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за финансии, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за економија,  еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за локална самоуправа.

Комисијата одлучува врз основа на доставените барање и комплетната документација, а согласно следните критериуми:

  • За Град Скопје и градовите кои имаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем

Критериуми

Бодови

1. Број на денови со надминување на концентрациите на  PM10 и PM2.5 над среднодневни гранични вредности за 2020 година

30

2. Висина на просечна годишна концентрација на PM10 и PM2.5

20

3. Број на жители изложени на аерозагадување (број на лица кои ги користат услугите на институциите)

20

4. Детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти за технологијата на греење и проект за соодветна замена со тип на опрема наведена во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година

30

Вкупно бодови

100

  • За градовите кои немаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем

Критериуми

Бодови

1. Број на жители изложени на аерозагадување (број на лица кои ги користат услугите на институциите)

50

2. Детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти за технологијата на греење и проект за соодветна замена со тип на опрема наведена во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година

50

Вкупно бодови

100

VII. ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОПРЕМА

Поддршката за намалување на аерозагадувањето ќе се врши од предвидените средства во дел IV од Програмата, преку доделување опрема во согласност со дел IV, точка 1. Доделувањето на опремата ќе биде согласно изготвената ранг листа од страна на Комисијата за евалуација, но не повеќе од 100.000 евра во денарска противвредност, по општина корисник. При поднесување на документацијата потребно е градовите/општините да ги наведат проектите по приоритет. Во случај на еднакви бодувања на проектите од страна на Комисијата, распределбата на средствата ќе биде пропорционално.

VIII. ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Барањето е составен дел на Јавниот повик и може да се обезбеди во електронска верзија преку интернет-страницата на Владата на Република Северна Македонија: https://vlada.mk

IX. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ

За дополнителни информации барателите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.