Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска говореше на панелот посветен на пристапувањето во ЕУ насловен: „Патот кон ЕУ: што да се очекува кога очекувате?“ Панелот се одржа во рамки на меѓународната конференција Преспа форум дијалог, кој денеска и утре се одржува во Охрид.
Вицепремиерот Димитров зборуваше за европските вредности и нивната важност, особено во контекст на лингвистичката разновидност, како еден од столбовите на Лисабонскиот договор, кој земјите членки на ЕУ се обврзаа да го почитуваат. Тој подвлече дека токму ЕУ треба да биде пример за тоа како се почитуваат овие европски вредности.
„Имаме проблем во параграфот од Преговарачката рамка - која што обично е многу техничка - кој вели дека acquis-то ќе биде преведено на македонски јазик и Северна Македонија треба да има доволно толкувачи и преведувачи до моментот на целосна интеграција. И јас тврдам дека нашата борба не е само борба за исправната работа, не е само борба за македонскиот идентитет, туку и за европскиот идентитет. Тоа е наративот на вредности за кој Европа треба да води со пример“, рече Димитров.
Вицепремиерот додаде и покрај сите предизвици, оваа Влада имаше визија и постигна навистина многу во однос на демократизација на општество и прогресот не смее да застане тука. Европа и европскиот стандард на живот треба да ги донесеме дома.
„Големиот проблем тука е дека доколку немаме надеж, ќе биде тешко да се обидуваме, а ако не се обидуваме, нема да успееме. Од друга страна, ако сме надежни ние, ќе бидат и граѓаните, а тие се разочарани. Нацијата не може да помине низ уште еден круг на разочарување. Ние сме во многу тешка позиција денес. Немаме право да се откажеме, особено во однос на европеизација на земјата“, истакна Димитров.
Воведни обраќања на панелот дадоа и европратеничката Тања Фајон, Корина Стратулат од Центарот за европски политики од Брисел, Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, новинарот Тим Јуда од „Економист“, Едвард Џозеф од Центарот за трансатлантски односи и Жак Мер, пратеник во Националното Собрание на Франција. Форматот на панелот потоа овозможи во дискусијата да се приклучуваат претставници на граѓанското општество, домашни и странски новинари, меѓународни експерти и политичари, како и студенти од земјава и странство.
Сите говорници се согласија дека европските вредности мора да се почитуваат и да важат подеднакво за сите, а идентитетските прашања не треба да бидат предмет на преговори, бидејќи идентитетот е лично право на самоопределување. Европската Унија треба да работи на предизвиците со кои се соочува, особено бидејќи таа постојано се менува. Секој проблем може да биде надминат, а тоа се докажа и со потпишувањето на Преспанскиот договор.
Европа треба да ги исполни своите ветувања и да го признае огромниот напредок кој Северна Македонија го постигна до сега. Одлуката за почнување на пристапните преговори треба да биде донесена поради успесите кои ги постигнала земјата во однос на усогласување со европското законодавство, а билатералните прашања треба да се решаваат паралелно, наместо да бидат предуслов за старт на преговорите. Доколку процесот на пристапување продолжи без реална перспектива за членство, истиот ќе стане непредвидлив, а ЕУ ќе го загуби кредибилитетот, како и можноста да ги поддржува и поттикнува реформите во регионот.