Шекеринска: Се приклучуваме кон НАТО концептот за зелена одбрана, касарните во Петровец и Куманово ќе се греат на природен гас

Две големи касарни на Армијата, касарните во Петровец и во Куманово ќе започнат со кристење на природен гас за загревање наместо мазут, за што се потпишани договори со две домашни компании, објави денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Министерката посочи дека земјава, како дел од НАТО - отвора едно ново поглавје во доменот на заштитата на животната средина, приклучувајќи се на концептот на Алијансата за зелена одбрана.

„Сакаме да ја внесеме еколошката компонента во нашето дејствување не само во деновите кога зборуваме за заштита на животна средина, туку секој ден и во секој дел од нашата работа. Тоа го правиме за да ја модернизираме Армијата и нејзините објекти, меѓутоа пред сè да ги заштитиме граѓаните во општините во кои имаме касарни, а во кои загадувањето сè повеќе станува прашање на кое што му обрнуваме внимание“, рече министерката.

Проектите, посочи Шекеринска, се започнати минатата година, договорите се веќе потпишани и во текот на оваа година се очекува овие две големи касарни целосно да бидат пренасочени од мазут на природен гас.

„Тоа ќе биде здраво не само за припадниците на Армијата кои што таму работат и живеат, туку и за сите граѓани кои што зависат од воздухот кој го дишеме“, рече таа.

Заштитата на животната средина е тема на која се посветува големо внимание и во НАТО, посочи министерката и додаде дека и во изминатиот период Министерството за одбрана се грижеше за животната средина, преку мерењата на загадувањето во текот на реализацијата на големите вежби, што покажаа дека извежбувањето не предизвикува загадување на животната средина.

Министерката најави дека наскоро ќе биде комплетиран и планот за енергетска транзиција и зголемување на енергетската ефикасност, особено преку вложување во фотоволтаици кои ќе создаваат енергија за потребите на Армијата.

„Подготвени сме во следните три години интензивно да вложуваме и во фотоволтаици кои што ќе создадат енергија за нашите сопствени потреби и со тој план кој што набргу ќе го презентираме, на долг рок и штедиме пари и ќе ги намалуваме загадувањата. Тоа е концепт кој што освен што го намалува загадувањето, штити човечки животи, а тоа е задачата на секој одбранбен систем“, заклучи министерката.