Средба на премиерот Заев со хрватската амбасадорка Тигањ: Реафирмирана е силната поддршка од Хрватска за евроинтеграциите на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше средба со Нивес Тигањ, амбасадорката на Република Хрватска во нашата држава.

На средбата е реафирмирана силната поддршка од Хрватска за европските интеграции на Северна Македонија.

Оценето е дека нашата држава го исполни својот дел од обврските на патот за пристапувањето кон ЕУ и дека сега Европската Унија треба да го испочитува својот збор.

Изразена е заедничка согласност за важноста на политиките на проширувањето.

Исто така, констатирано е дека е од полза и за ЕУ и за земјите кандидатки, Европската Унија да се заокружи со Западен Балкан, којшто природно припаѓа на Европа.

„Северна Македонија ги направи потребните реформи. Исто така е пример за соживотот на различни заедници во една држава, што е исто така европска вредност. Нашата држава продолжува со конструктивните политики на дијалог во државата и на меѓународен план и очекуваме дека тие ќе дадат резултати за исчекор во интеграциите“, рече премиерот Заев.

На состанокот е посочено на значајноста од манифестација политичка зрелост кај сите политички субјекти, кога станува збор за реализација на прашања од полза на граѓаните и на државата.

Премиерот Заев и амбасадорката Тигањ зборуваа и за унапредувањето на економската соработка, како и во областа на одбраната и во други сфери, што ја овозможуваат одличните билатерални односи помеѓу двете држави.