Министерката Шахпаска: Нега Центарот во Демир Хисар ќе обезбеди помош и нега во домот за 21 лице над 65 години, социјалната реформа продолжува

„Старите лица од Демир Хисар кои имаат потреба од помош отсега ќе имаат помирни денови во својата трета доба. Токму за ваков исход се залагавме кога ја започнавме социјалната реформа“, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на врачувањето на лиценцата за услуга на помош и нега во домот за стари лица на Црвениот крст.

Преку Нега Центарот Демир Хисар, седум обучени негуватели ќе ја даваат оваа услуга на 21 лице. Ова значи дека ќе им помагаат на стари лица со навршени 65 години, при извршувањето на секојдневните обврски, чистење, хранење, облекување, земање медицинска терапија.

Според министерката Шахпаска новите социјални услуги што ќе бидат подостапни за граѓаните се креираат согласно потребите на корисниците.

„Како Министерство за труд и социјална политика продолжуваме со имплементација на социјалната реформа, што воедно значи и приближување на социјалните услуги на локално ниво. Граѓаните добиваат квалитетни услуги согласно нивните индивидуални потреби, во нивните домови, онаму каде што живеат.  Истовремено, го зголемуваме и  опфатот на граѓани, корисници на овие услуги, но и уште една значајна придобивка е ангажирањето на лица тешко вработливи на пазарот на трудот. На овој начин, го подобруваме квалитетот на живот на корисниците на услугите и животниот стандард на останатите граѓани. Како Влада и како министерство придонесуваме за намалување на сиромаштијата и јакнење на човечкиот капитал и целокупната економија во државата“, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Градоначалникот на Демир Хисар Марјанчо Стојановски смета дека со поголемата вклученост  на општините се обезбедува поголема функционалност на услугите, но и поголем опфат на лицата на кои им е неопходна оваа социјална реформа.

„Општината е сервис на граѓаните и оттука главна цел е креирање на услуги што ќе го подобрат секојдневниот живот на нашите сограѓани. Навистина сме горди што преку овие социјални реформи се создадоа услуги што се однесуваат токму на најранливите категории – таму каде што помошта е најпотребна. Нашите возрасни сограѓани заслужуваат помош во секојдневниот живот. Ние сакаме да градиме хумана општина и на овој начин тоа го реализираме. Продолжуваме и понатаму да соработуваме со сите засегнати страни во интерес на нашите граѓани“, истакна Марјанчо Стојановски градоначалник на општина Демир Хисар.

Според секретарот на Црвениот крст во Демир Хисар Иванчо Најденковски, со оваа социјална реформа се креираат нови социјални услуги според потребите на граѓаните.

„Нега центарот Демир Хисар е резултат на одличната соработка помеѓу Црвениот крст од градот, Министерството за труд и социјална политика и општината. Ние преку секојдневна посветеност ќе се трудиме на нашите корисници да им го олесниме и разубавиме секојдневието и да им понудиме квалитетна услуга. Се надевам дека овој проект ќе направи разлика во нашиот град, особено за нашите корисници“, рече Најденковски. 

Негувателката во Нега Центарот во Демир Хисар, Марија Манасиева, рече дека со стручната обука се стекнаа нови квалификации и работни вештини. 

„Да се помогне онаму каде што тоа е неопходно е вистинска привилегија. Секој од нас заслужува достоинствен живот. Јас и моите колеги се надеваме дека со нашата работа ќе понудиме помош за нашите највозрасни сограѓани“, рече Манасиева.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика поддржани се 19 проекти во 24 општини. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Проектот е еден од инструментите на поддршка во успешното спроведување на сеопфатната социјална реформа. Оваа социјална услугата која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика е  финансиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светска банка.