Социјалната услуга нега и грижа во домот за постари лица од 65 години, кои не можат да се грижат за себе, пристигна и во скопските општини Бутел и Чучер Сандево. Од денеска 50 стари лица ќе добиваат помош во извршување на активностите во секојдневниот живот од 25 обучени негуватели. Целта на оваа социјална услуга, која за првпат се воведува кај нас, е да се подобри здравјето на корисникот во неговото семејно окружување. Негувателите ќе бидат задолжени да им помагаат на корисниците во набавката на храна, лекови, чистење во домот, прошетки и слично.
„На лицата над 65 години, жители на општините Бутел и Чучер Сандево, од денес им е достапна услугата помош и нега во домот. Во оваа нова социјална услуга, на ниво на држава ќе се вклучат околу 300 негуватели и 900 корисници. Ги поттикнувам и останатите општини да се вклучат во Проектот за подобрување на социјалните услуги и да соработуваат со провајдерите, сè со цел граѓаните да добиваат уште подобри и поквалитетни услуги “, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Според градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски локалната заедица најдобро ги знае потербите на граѓаните на нејзината територија.
„Ние сме соседи, познаници, пријатели, секојдневно живееме заедно, во добро и лошо, па ни е полесно да препознаеме како да им се помогне на оние на кои им е најмногу потребна помош. Меѓу нив се и нашите возрасни сограѓани, на кои им е неопходна помош во секојдневните активности“, рече Смилевски.
И од општината Чучер Сандево сметаат дека помагајќи и грижејќи се за возрасните сограѓани од општината ќе им се подобри квалитетот на секојдневно живеење.
Од граѓанското здружение Адра, кое е вклучено како давател на овие услуги на територијата на двете општини, велат дека имаат големо искуство во помош на населението ширум земјата.
„Давањето домашна нега за возрасните лица на кои им е неопходна помош и нега, има нова, уште похумана димензија. Негувателите стануваат нивна секојдневна и постојана поддршка во домот, нивни пријатели. Токму овој хуман аспект е нашиот главен двигател во работата на овој проект, заедно со општините, а под капа на Министерството за труд и социјална политика“, рече Ванчо Трајковски од здружението Адра.
За негувателката Драгана Василева, привилегија е да можете со својата работа да му помогнете на оној кому таа помош му е навистина потребна.
„Сигурна сум дека заедно со моите колешки и колеги ќе им овозможиме на возрасните лица полесен и поубав живот, давајќи им ја негата која им е потребна“, рече негувателката Драгана Василева.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска на Здружението „Адра“ им го врачи решението со кои тие стануваат лиценциран провајдер за услугата Помош и нега во домот. Таа уште еднаш ги повика и останатите општини да се вклучат во Проектот за подобрување на социјалните услуги. МТСП наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници.
Оваа социјална услугата е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска банка.