Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Галовеј го потпишаа меморандумот за соработка за воспоставување на Централна единица за следење на инфраструктурни-инвестициски проекти

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Н.Е. Рејчел Галовеј, денес го потпишаа Меморандумот за соработка за воспоставување на Централна единица за следење на инфраструктурни проекти, кој ќе се спроведе во соработка со Канцеларијата за проектни услуги на Организацијата на Обединетите Нации.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека за овој проект е обезбедена поддршка од Владата на Обединетото Кралство, во вредност од 600 илјади британски фунти, а целта е да се придонесе во напорите на Владата да го зајакне спроведувањето на инфраструктурни проекти и инвестициите кои имаат силен инпакт врз економскиот раст, создавањето работни места, зачувувањето на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните.

„Активностите ќе резултираат со воспоставуање на Централна единица за следење на инфраструктурните/инвестициските проекти која ќе го зајакнат институционалениот капацитет за управување и следење на реализацијата на проектите со големи размери. Нашите граѓани, независно каде живеат, заслужуваат подобри услови за живот: современи градинки и училишта, безбедни патишта, опремени и модерни болници, квалитетна комунална инфраструктура, здрав живот и чиста животна околина. Со доброто планирање и успешно спроведување на капиталните инфраструктурни и инвестициски проекти, ние го осигуруваме унапредувањето на квалитетот на живот во нашата држава.  Граѓаните бараат резултати, ние тие резултати ги испорачуваме, и така и ќе продолжиме“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот посочи дека од првиот ден на мандатот активно се работи на системско решавање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, стопанството и Владата, а токму еден таков предизвик е и следењето и реализацијата на капиталните инвестиции, а оваа единица за нивно следење е токму такво практично и прагматично решавање на истиот и е само дел од поширокиот контекст на поставување на системот на кој моментално се работи.

„Еден дел е следењето на инфраструктурните/инвестициските проекти кој ќе се управуваат преку оваа Централна единица за која денеска зборуваме. Вториот дел е Менаџмент системот за државна помош кој веќе го најавивме и го работиме заедно со Светска Банка и треба да претставува една точка за контакт која ќе ја инкорпорира целата државнапомош која се спроведува преку 11 државни институции. Новината, или целта кон која работиме и која верувам дека вреди да ја оствариме е всушност инкорпорирање податоците од овие два система што ќе ни ја даде Централната единица за мониторинг или следење, која во реално време ќе ни дава транспаренти и отчетни податоци за ефикасноста и ефективноста за спроведувањето на економските политики во државата. На овој начин, секој денар на граѓаните ќе можеме да го следиме каде е отиден и кој ефект го има постигнато за да се врати назад кај граѓаните како добра инфраструктура, градинки, училишта, велосипедски патеки, нови отворени работни места“, подвлече Битиќи.

Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, во своето обраќање посочи дека секоја економија во светот зависи од сигурната инфраструктура што ги поврзува синџирите на набавка и овозможува ефективно движење на стоките и услугите во државата и надвор од неа.

„Инфраструктурата ги овозможува бизнисите, ги поврзува домаќинствата со работните места, здравството и образованието и создава можности за заедниците кои се соочуваат со тешкотии; ја заштитува нацијата од непредвидливата животна средина и опкружување. Од приватни ивестиции во телекомуникациски системи до енергетски проекти, јавниот превоз, водовод и канализација, згради и паркови – инфраструктурата е сржта на здравата економија“, изјави амбасадорката.

Галовеј се осврна и на ефектите од пандемијата, при што посочи дека многу Влади, вклучително и Владата на Обединетото Кралство, како еден од начините за убллажување на негативните економски ефекти, одлучија поинтензино да вложуваат во инфраструктурни проекти и нат тој начин да го стимулираат економскиот раст и создавањето на нови работни места.

„Инвестирањето во инфраструктурата е докажан метод за успешно стимулирање раст и по економскиот шок и токму затоа, на пример, ММФ ги повика владите да го поттикнат трошењето во инфраструктурата со цел да го придвижат закрепнувањето на економијата по пандемијата. Ова, исто така, е можност да се промени инфраструктурата. Владите и приватните инвеститори може да го насочат финансирањето кон поодржлива и зелена инфраструктура, што ќе ја зголеми отпорноста на инфраструктурата кон заканите од климатските промени. ММФ, исто така, потенцираше дека јавните инвестиции во такви инфраструктурни проекти може да помогне со соочувањето со климатските промени и да резултира со два наспрема еден во економски раст во период од две години“, потенцираше Галовеј.

Амбасадорката се осврна и на поддршката која Обединетото Кралство ја дава на Република Северна Македонија  а која се однесува на реализацијата на зеленото сценарио на Националната стратегија за енергетика, како и соработката во креирањето на долгорочниот Национален план за развој на Северна Македонија, две инцијативи кои ќе функционираат заедно, со цел планирање на инфраструктурата што ќе им служи на општеството во иднината, користејќи ги притоа можностите што ги нуди денешницата.

Директорката на канцеларијата за проектни услуги на Обединетите Нации (UNOPS), Микела Телатин го истакна задоволството  што ќе имаат можност за соработка со Владата на Република Северна Македонија во реализација на овој проект.

„Ние од UNOPS, агенција на ОН која се занимава со инфраструктура, јавни набавки и управување со проекти, навистина имаме задоволство што имаме прилика да ја понудиме нашата експертиза за инфраструктурата, знаејќи притоа дека инфраструктурата е повеќе од градење – тука се работи за поврзување, обезбедување пристап, обезбедување инвестиции и намалување на нееднаквоста. Ние во UNOPS ја гледаме инфраструктурата како столб на функционалното општество. Всушност, нашето истражување спроведено заедно со Универзитетот Оксфорд покажува дека инфраструктурата има 92 проценти влијание во однос на Глобалните Цели за одржлив развој на ОН“, посочи директорката на канцеларијата на UNOPS, Микела Телатин.