Промовиран Мечинг фонд вреден 2,5 милиони евра за поттикнување на претприемништвото кај Ромите и проектот „КОВИД - Итни интервенции во општина Шуто Оризари“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го промовираше Мечинг Фонд на Владата, на Министерството за труд и социјална политика, на Агенцијата за вработување и на Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, вреден 2,5 милиони евра во вид на исклучително поволни кредитни линии за невработени лица и регистрирани субјекти заради создавање на услови за нови вработувања, за поддршка за формализација на сивата економија, како и за поттикнување на претприемништвото кај ромската заедница.

Денеска беше потпишан и Меморандум за соработка во рамките  на проектот „КОВИД - Итни интервенции во Општина Шуто Оризари“, кој е финансиски подржан од Канцеларијата за Ромски иницијативи во рамките на Фондациjaта отворено општество - Берлин, имплементиран од страна на Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико во соработка со граѓанското движење Аваја, и во соработка со Министерството за здравство и Здравствениот дом на Скопје

На промоцијата на фондот и на потпишувањето на меморандумот, на која учествуваа и заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество Алекс Сорос, Петрика Дулгеру од Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, министерот за здравство д-р Венко Филипче, како и претставници на Агенцијата за вработување и на Канцеларијата за ромски иницијативи на Фондацијата отворено општество во Берлин, на Ромалитико и на Аваја, на општината Шуто Оризари, премиерот Заев истакна дека со овие проекти Владата ја потврдува својата заложба за поттикнување на потенцијалот за претприемништвото на ромската заедница и социјално-здравствените политики за поддршка на ранливите заедници.

„Со мечинг фондот, првично вреден 153,5 милиони денари, создаваме услови за едноставно достапни и поволни наменски средства за да го поттикнат развојот на претприемништвото во ромската заедница и за полесен премин во регистрирана дејност, егзистирање, но и унапредување и проширување на бизнисот. Нашите очекувања се дека некаде околу 50 - 100 невработени лица и регистрирани субјекти годишно, управувани од Роми преку овие мерки ќе имаат пристапни и поволни услови до финансиски средства за формализација, реализирање на бизнис идеи, самовработување и унапредување на бизнисот“, истакна премиерот Заев.

Оваа Влада, додаде тој, го препознава потенцијалот на ромското претприемништво и придонесот што тие можат да го дадат кон развојот на нивните сопствени заедници како и земјата и затоа го правиме овој прв чекор кон долгорочната цел за остварување на економски стабилна ромска заедница.

Со вториот Меморандум за соработка во рамките  на проектот „КОВИД - Итни интервенции во општина Шуто Оризари“, кој е финансиски подржан од Канцеларијата за Ромски иницијативи во рамките на Фондациjaта отворено општество - Берлин, имплементиран од страна на Институт за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико во соработка со граѓанското движење Аваја,  обезбедени се финансиски средства во износ од 63,800 евра.

Со дел од овие средства е обезбедена набавката на амбулантно возило за итна помош за користење од страна на Поликлиниката во Шуто Оризари за потребите на населението во општината.

Другиот дел од средствата ќе се наменат за обезбедување на работен ангажман во период од 24 месеци на две лица Роми кои што ќе бидат ангажирани во рамките на здравствен дом Скопје за потребите на Поликлиниката во Шуто Оризари и за функционирање на амбулантното возило за итна помош.

Алекс Сорос, заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество во своето обраќање ја поздрави исклучителната посветеност на Владата на Република Северна Македонија на политиките на инклузивност и истакна дека Мечинг фондот РЕДИ и „КОВИД - Итни интервенции во општина Шуто Оризари“ доаѓаат и во многу значаен момент и за регионот токму со лансирањето на иницијативата „Отворен Балкан“ која може дополнително да создаде иницијативи за одржливост и раст на бизнисот во ромската заедница и да генерира нови работни места.

„Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде засилена и со поддршка на ЕУ, особено во делот на финансиската поддршка за регионалната економска соработка, зелените инвестиции, како и во делот на поддршката на јавниот и приватниот сектор. Фондацијата отворено општество ќе продолжи со поддршката за РЕДИ, за Северна Македонија и за другите земји во регионот“, потенцираше Алекс Сорос, заменик-претседател на Фондацијата отворено општество.
 


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го промовираше Мечинг Фондот вреден 2,5 милиони за поттикнување на претприемништвото кај ромската заедница и проектот „КОВИД - Итни интервенции во општина Шуто Оризари“.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев од промоцијата во целост:
„Ми претставува посебно задоволство што денеска, заедно со сите вас, бев присутен на овој исклучително значаен настан со кој ја потврдуваме заложбата на Владата за социјални и економски политики на кои гледаме како на инвестиција за поттикнување во потенцијалот за претприемништвото на ромската заедница и социјално-здравствените политики за поддршка на ранливите заедници.

Со проектот за Финансиска Поддршка за Развој на Претприемништво кај припадници на ромската заедница со Мечинг Фонд на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и на Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ се овозможуваат пристапни и поволни услови  за користење на финансиски средства.

Средствата се предвидени во вид на исклучително поволни кредитни линии за невработени лица регистрирани во Агенцијата за вработување и регистрирани субјекти заради создавање на услови за нови вработувања, за поддршка за формализација на сивата економија, како и за поттикнување на претприемништвото кај ромската заедница.
За реализација на овој проект, со заедничко учество, односно мечирање на средства на Владата на Република Северна Македонија во износ од 61,4 милиони денари ден и со средствата на Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ во износ од 92,1 милион денари ден ќе се обезбедат вкупно 153,5 милиони денари за реализација на овој проект.

Средствата за финансирање од страна на Владата на Република Северна Македонија во износ 61,400 000 ден се обезбедени со петтиот сет на економски мерки за справување со последиците од КОВИД-19.

Со мечинг фондот, првично вреден 153,5 милиони денари, создаваме услови за едноставно достапни и поволни наменски средства за да го поттикнат развојот на претприемништвото во ромската заедница и за полесен премин во регистрирана дејност, егзистирање, но и унапредување и проширување на бизнисот.

Нашите очекувања се дека голем невработени лица и регистрирани субјекти преку овие мерки ќе имаат пристапни и поволни услови до финансиски средства за формализација, реализирање на бизнис идеи, самовработување и унапредување на бизнисот.

Оваа Владата го препознава потенцијалот на ромското претприемништво и придонесот што Ромите можат да го дадат кон развојот на нивните сопствени заедници како и земјата и затоа го правиме овој прв чекор кон долгорочната цел за остварување на економски стабилна ромска заедница. Овие наши заложби и проекции, чиишто темели ги поставуваме и ги развиваме создаваат инаква приказна за потенцијалот и можностите и на земјата и на регионот. 

Ние веруваме дека со обезбедување на услови за претприемачите од ромската заедница да развиваат бизнис создаваме и можности за отворање на нови работни места во општината.

Со вториот Меморандум за соработка во рамките на проектот „КОВИД - Итни интервенции во општина Шуто Оризари“, е финансиски подржан од Канцеларијата за Ромски иницијативи во рамките на Фондациjaта отворено општество – Берлин.

Иимплементиран е од страна на Институт за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико во соработка со граѓанското движење Аваја, и во соработка со Министерството за здравство и Здравствениот дом на Скопје.

Со истиот, даваме придонес за подобрување на условите во поликлиника Шуто Оризари при справување со здравствените предизвици и ублажување на последиците од КОВИД-19 за ромското население во општина Шуто Оризари.

Канцеларијата за иницијативи за Ромите при Фондациjaта отворено општество, преку спроведувачот на овој проект - Институт за Истражување и Анализа на Политики, во соработка со „Аваја“ обезбеди, финансиски средства во износ од 63,800 евра.

Со дел од овие средства е обезбедена набавката на амбулантно возило за итна помош за користење од страна на Поликлиниката во Шуто Оризари за потребите на населението во општината. 

Другиот дел од средствата ќе се наменат за обезбедување на работен ангажман во период од 24 месеци на две лица Роми кои што ќе бидат ангажирани во рамките на здравствен дом Скопје за потребите на Поликлиниката во Шуто Оризари и за функционирање на амбулантното возило за итна помош.

На крајот, дозволете ми да изразам голема благодарност на сите што учествуваа во подготовката и што ги доведоа до успешна завршница овие два проекта.

Сакам посебно да ја изразам благодарноста до Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, до Фондацијата отворено општество, до Институт за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико, и до граѓанското движење Аваја, за нивната голема поддршка и  несебична посветеност“.