Премиерот Заев го прими сребрениот олимпиец Георгиевски: Владата ја дополни одлуката за паричната награда за огромниот олимписки успех и таа сега изнесува 2 милиони и 600 илјади денари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.

Премиерот Заев му честиташе на сребрениот олимпиец Георгиевски и со внимание се запозна со искуството на младиот спортист од настапот на олимписката спортска арена во Токио.

На средбата, премиерот Заев му се заблагодари на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакна дека Дејан е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.  

За време на разговорот премиерот Заев рече дека успехот на Георгиевски е поттик за Агенцијата за млади и спорт да ги унапреди условите за развој на теквондото и другите олимписки дисциплини за кои постои широк интерес меѓу младите.  

Владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.