Бектеши: Ќе се крати бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, за првпат преку јавен повик ќе се бираат нови кадри

На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.

Согласно новото законско решение бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15, на 7 членови , односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил.

Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот.

Новата регулатива треба да го подобри и изборот на кадри за тие позиции како и да воведе ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија се воспоставува транспарентност при постапката за избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, како и мерит процедура при селекцијата и именувањето. 

Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страните на Владата, односно општината или Градот Скопје и на веб-страната на самото јавно претпријатие три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав. 

На јавниот повик ќе може да аплицираат сите граѓани кои ги исполнуваат законските услови за членови на управни и надзорни одбори.

Со предложените законски измени се очекува подигнување на стручноста и професионалноста при управувањето и надзорот на работењето на јавните претпријатија. 

Со измените во Законот за јавни претпријатија се зајакнуваат критериумите кои треба да ги исполнуваат идните членови на управни и надзорни одбори во делот на образованието и работното искуство.

Исто така се воведува законска обврска за формирање на Комисија за селекција, која на најтранспарентен начин ќе ја врши постапката за селекција на сите пријавени кандидати.

Дополнително, Предлог-законот пропишува и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбор на јавните претпријатија.

Со овие измени се очекува зголемување на ефикасноста во работењето на јавните претпријатија и намалување на секое политичкото влијание при изборот на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, а ќе се овозможи поефикасно управување и надзор на работата на јавните претпријатија, а со тоа и подобрување на услугите кои им се пружаат на граѓаните.