„Овој 18 Август сакам да го посветам на секој припадник на Армијата кој ја оправда службата, го покажа херојството и ја задолжи татковината. Денешното одбележување е посебно и ни дава обврска да се осврнеме на моментите кои уште еднаш ја потврдија силата на Армијата. Кои уште еднаш потврдија дека на мака се познаваат јунаците. Сакам да оддадам неизмерна почит кон сите војници, подофицери и офицери кои повторно станаа наши јунаци кога се соочивме со огнената стихија низ цела држава“, рече министерката Радмила Шекеринска во обраќањето на одбележувањето на Денот на Армијата.
„Пожарите ни ја потврдија и силата на сојузништвото и пријателството. Ниту една држава во нашиот регион, па ни во Европа не можеше да се справи со природните катастрофи сама. Благодарни сме на Словенија, Србија, Австрија, Романија, Црна Гора, Бугарија и Франција, и на НАТО и ЕУ механизмите за цивилна поддршка, за големата помош. Ова лето ни потврди на сите дека климатските промени ќе бидат еден од клучните фактори кои ќе влијаат на нашата безбедност и дека тие диктираат нови потреби и во одбранбеното планирање и во регионалната соработка“, истакна министерката подвлекувајќи дека сојузите, како што рече, значат и одговорност која не ја намалуваат ниту географските дистанци.
Потенцирајќи дека веќе навлегуваме во втората година членство во НАТО Шекеринска посочи дека Северна Македонија по полноправното членство во Алијансата започна комплексен и важен процес на интегрирање. „Воената интеграција во НАТО е на брза трака и во целост ќе биде завршена оваа година. Паралелно, работиме и дома. Армискиот полигон ‘Криволак’ со поддршка од нашите сојузници, станува воен полигон од највисок ранг, а вежбата ‘Одлучен удар 21’ го покажа најдоброто во вас. Со успешната реализација ја поместивте татковината уште едно скалило погоре во безбедносната слика“, рече таа.
Министерката Шекеринска дополни и дека граѓаните постојано ја оценуваат Армијата како институција во која имаат најголема доверба. „Државата во клучни моменти и ја даваше довербата на Армијата. Армијата после подолго време почна да верува дека нема да биде заборавена, дека е ценета и дека довербата раѓа доверба“, рече министерката во своето обраќање на Денот на Армијата.