Шахпаска: Во Битола се гради нова детска градинка

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска во Битола направи увид во градежните работи на новата детска градинка која е во склоп на градинката „Мајски цвет“. 

Новата градинка се гради на површина од 810 метри квадратни во населбата „Димче Лахчански“ и со нејзиното функционирање капацитетот за сместување на деца во градинките ќе се зголеми за 150 деца. Тие ќе бидат сместени во 8 воспитни групи. 

Министерството за труд и социјална политика и Општината Битола за оваа детска градинка потпишаа договор за Грант за изградба и опремување на градинката од околу 57.000.000 денари.

Денес исто така министерката Шахпаска направи и увид во градинката во населбата Буковски Ливади, која е во состав на градинката „Естреја Овадија Мара“, каде комплетно е оспособена и опремена уште​ една училница, која од септември дополнително ќе згрижува нови 20 деца според актуелните протоколи. 

Изминатите две и пол години, отворени се 5 нови занимални во рамките на градинките „Естреја Овадија Мара“ како и градинката во Кравари, која има две занимални, со што дополнително се овозможени услови за згрижување на нови 120 деца, по КОВИД-19 стандарди. 
Овде како и во сите други градинки, дечињата се стекнуваат со предучилишно образование и воспитување, кое е толку потребно за понатамошниот образовен процес. 

„За нас како Влада но и како Министерство за труд и социјална политика предучилишното образование е од исклучителна важност, затоа што децата тука ги учат основните, елементарни работи за социјализација, воспитување, дружење, прифаќање на различностите.  Постепено почнуваат да се воведуваат и во елементарните образовни содржини кои понатаму им овозможуваат полесно да влезат во образовниот процес во основното училиште. Истовремено работиме на подобрување на професионалниот капацитет на вработените во градинките преку обуки кои ги правиме заедно со нашите пријатели со УНИЦЕФ и со Светска Банка, со единствена цел да предучилишното образование биде квалитетно и да помогне во градењето на деца подготвени за понатамошниот процес на образование. За нас секое дете е важно, рече Шахпаска.  

Според Шахпаска за една година ставени се во функција 15 детски градинки, а до крајот на годината се очекува да се завршат дополнителни 10 нови градинки. Во наредниот период се очекува  во општина Битола да биде изградена уште една детска градинка во која ќе се згрижат уште  400 деца.  Ќе ја гради ја Општина Битола заедно со МТСП во партнерски однос со Кромберг и Шуберт. Министерката апелираше вработените во детските градинки што поскоро да се вакцинираат за да може полесно да се менаџира кризата предизвикана од КОВИД-19.