Премиерот Заев ќе се обрати на почетокот на реализација на 400 kV далновод за поврзување на електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија

На 29.8.2021 (недела), со почеток во 10:30 часот премиерот Зоран Заев ќе се обрати на настан во организација на АД МЕПСО, по повод почетокот на изградба на  400/110 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид. Со поставување на камен темелникот на овој капитален објект и во пракса почнува реализацијата на 400 киловолтниот далновод Битола (Северна Македонија) - Елбасан (Албанија), како дел од Коридорот 8.

Со оваа инвестиција, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток - запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија.

На настанот покрај премиерот Заев, обраќања ќе имаат и министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, и за економија Крешник Бектеши, заменик-министерот за енергија и индустрија на Република Албанија Илир Бејта, генералниот директор на Електропреносниот систем оператор на Албанија, Скерди Дренова, како и генерален директор на АД МЕПСО, Куштрим Рамадани.

Дополнително, на настанот ќе се обратат и претставници на делегација на ЕУ, како и на Европската банка за обнова и развој.

Оваа капитална инвестиција е од огромна важност во градење на поразвиена и постабилна енергетска инфраструктура во нашата држава и регионот.

Календар Влада: 
Недела, Август 29, 2021 - 10:30 to 11:30