Средба на Шекеринска со адмиралот Бурк во Неапол, потврдена улогата на Северна Македонија како кредибилен НАТО сојузник

“Ние членството во НАТО не го сфаќаме само како привилегија туку и како одговорност и можност да даваме придонес во мирот и безбедноста во светот и во регионот. И затоа сме горди на нашето учество во мисијата КФОР во Косово, бидејќи така најдиректно регионот ги почувствува придобивките од членството на нашата земја во НАТО, а НАТО доби сојузник чија конструктивна политика одамна е препознаена во регионот и пошироко“, рече министерката Радмила Шекеринска на денешната средба во Неапол со командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО, адмирал Роберт Бурк.

Во разговорот стана збор и за ситуацијата во светот, со осврт на Авганистан, и за состојбите во регионот каде нашата земја како членка на НАТО директно придонесува во мирот и стабилноста за што доби позитивни оценки од Алијансата.

Шекеринска во базата на НАТО беше дочекана со специјален кордон со кој беше поздравено нејзиното присуство во седиштето во една од најважните команди на Алијансата. Делегацијата од Министерството за одбрана и од Армијата, предводена од министерката Шекеринска имаше средби и во директоратите за вежби и операции каде беше брифирана за активностите и плановите на Сојузничката команда.