Бектеши: Бројот на туристи зголемен за 56,6% за седум месеци, мерките даваат резултат, туризмот се враќа во нормала

Мерките на Министерството за економија даваат резултат, туризмот пополека се враќа во нормала. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на туристи во периодот јануари-јули 2021 година бележи раст од 56,6%, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во исто време бројот на ноќевања е зголемен за 46,6%. Во првите седум месеци годинава се регистрирани вкупно 317.713 туристи кои оствариле 1.034.645 ноќевања.

Имајки предвид дека во светски рамки туризмот беше една од најпогодените индустрии од пандемијата со КОВИД-19, главниот фокус на Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за економија како надлежна институција за развој на туризмот беше да се поддржат најпогодените сектори. 

Фокусот беше во зачување на работни места во овој сектор и поддршка на индустријата преку конкретни финансиски мерки.

Имајки ги предвид бројките на туристи и ноќевања можеме да покажеме дека мерките кои се имплементирани дадоа видливи резултати.

„Бројот на Домашни туристи е зголемен како резултат на Кампањата „ДОМА СИ Е ДОМА" и Ваучерите за туризам, додека кај странските туристи „БЕЗБЕДНОСНИОТ ПЕЧАТ (safe travel stamp)" ги даде очекуваните резултати, изјави министерот Бектеши.

Оваа година Министерството за економија како една од мерките за поддршка на туризмот додели над 3.500 ваучери за домашен туризам во вредност од 12.000 денари за работници со ниски приходи коишто можат да се користат во домашните туристички капацитети најдоцна до 30 ноември годинава.