Заев: Владата прави сè за да го заштити здравјето на граѓаните, мотивира и охрабрува вакцинација

„Терапиите кои се користат кај нас за лекување на пациенти со КОВИД-19 се исти како терапиите што се користат насекаде во светот. Дополнително, купивме софистицирана терапија за лекување на пациенти со КОВИД-19“, нагласи премиерот Заев во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

„Неодговорно е опозицијата да ја замајува јавноста додека Владата се труди да мотивира, да охрабри вакцинација, целосно да ги згрижи сите пациенти, да имаме комплетно посветен здравствен персонал, да имаме мотивирани здравствени работници, посветени да го сочуваат здравјето на граѓаните. Знаат граѓаните кој е одговорен, одговорна е таа Влада која што ја обезбедува иднината на државата комплетно од секој можен аспект во секој можен ресор“, потенцираше премиерот Заев.

„Дури 90% од сега починатите откако е почнат процесот на вакцинација се невакцинирани“, рече претседателот на Владата Заев, „што укажува на фактот колку вакцините се важни за да се спречи ширењето на болеста како и да се избегне тешка компликација или смртен исход“.