Сојузништвото со САД не било никогаш поцврсто, со државата Вермонт нè врзува тридецениско партнерство и пријателство – порака од Шекеринска на завршната прес-конференција во Брлингтон

Министерката Радмила Шекеринска ја заврши повеќедневната посета на САД со прес-конференција во Вермонт на која направи осврт на средбите и разговорите во Пентагон и Стејт Департментот како и на соработката помеѓу Северна Македонија и оваа американска сојузна држава, и можностите за развој на оваа повеќедеценска соработка во одбраната, но и економијата, земјоделството, туризмот и трговијата.
 
„Горди сме на нашето партнерство со Вермонт. Отприлика 5.000 војници од Северна Македонија досега биле дел од програмите за соработка. Тоа е неверојатно, тоа е повеќе од 50 проценти од вкупниот број на нашите вооружени сили. Нема војник во Армијата на Република Северна Македонија кој не знае за Вермонт. Следната година за првпат ќе бидеме домаќини на голема воена вежба со падобрански елементи и очекуваме тим од Националната гарда на Вермонт да ни се придружи. Тоа ќе биде уште една шанса за нас да покажеме колку нашата соработка е блиска и успешна“, рече министерката Шекеринска.
 
Министерката посочи дека на посетата на Вермонт претходеше успешна посета и средби во Вашингтон, каде на средбата со секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин III, беше потврдено исклучителното сојузништво помеѓу Северна Македонија и САД.
 
„Имавме навистина успешна политичка посета во Вашингтон пред да дојдеме тука во Вермонт. Посетата на Вермонт беше круна на престојот во САД, со што заокруживме една многу успешна посета. Оваа посета година и половина по нашето членство во НАТО кое го чекавме речиси три декади. Целта стана реалност како резултат на неколку генерации мажи и жени особено во војската, а и во политичките работи, додека одбранбената рамка беше сериозно поддржана од САД“, истакна министерката. 
 
Во однос на можностите за развој на соработката, Шекеринска порача дека нашата цел е системот за заштита при катастрофи да го направиме поефикасен и затоа се разговара и за размена на искуства и за реализација на обуки за цивилна заштита и одговор на катастрофи.
 
Командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт честиташе за приемот на Северна Македонија во Алијансата и изрази подготвеност соработка во одбраната да се прошири и во економијата.
 
„Сакам да и честитам на Северна Македонија и на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за приемот на Северна Македонија во НАТО. Чест е за нас што имаме улога во тоа постигнување преку нашето партнерство. Навистина е неверојатно достигнување кое на нас ни зборува многу за посветеноста на Северна Македонија на нашето партнерство. Подготвени сме и за можности за подобрена економска иницијатива“, рече Најт.
 
Заменичката на гувернерот на Вермонт, Моли Греј укажа на потенцијалот на соработката помеѓу американската сојузна држава и Северна Македонија.
 
„Со Северна Македонија започнавме да идентификуваме клучни области на логични партнерства, да дознаеме што има Вермонт, да дознаеме и да научиме што има Северна Македонија, да размениме најдобри практики во земјоделството, туризмот, академските размени, медицината, животната средина, и можностите за трговија“, рече таа и додаде дека веќе се работи на поврзување на академската фела, како и на бизнис секторот од двете земји.
 
Греј и се заблагодари на министерката Шекеринска за покажаното визионерство и инклузивниот пристап, како и за посветноста на искреното и сеопфатно партнерство помеѓу Вермонт и Северна Македонија.
 
Посетата на Вермонт заврши со демонстрација на полетувања на ловците Ф-35 на военото воздухопловство на Националната гарда на Вермонт.
 
Пред посетата на Вермонт, министерката Шекеринска и македонската делегација во Вашингтон, освен со секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, се сретнаа и со други високи претставници на американската администрација, вклучувајќи ги и потсекретарот за политички прашања во Пентагон, Колин Кал и новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.