Заев на Социо-еколошкиот форум: Северна Македонија признаен пример за целосна насоченост кон праведната транзиција кон чиста енергија за здрава животна средина и за нови работни места

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати и присуствуваше на панел дискусија на Социо-еколошкиот форум (СЕФ) во организација на канцеларијата на Фондацијата „Фридрих-Еберт“ во Скопје, Меѓународниот центар „Олоф Палме“, и Прогрес - Институтот за социјална демократија.

Како прв од ваков тип, форумот покани регионални политички лидери, тинк-тенк и невладини организации, младински лидери и новинари, да дискутираат за чистата и зелена иднина, достапна за сите граѓани на земјите од Западен Балкан и да разговараат за иднината од која се очекува сите земји од Западен Балкан да имаат енергетски ефикасни економии во согласност со европскиот „Зелен договор“ и работни места кои се отпорни на промените предизвикани од климатските промени и неодржливите извори на енергија.

Покрај премиерот Заев на СЕФ присутни на настанот беа и Албин Курти, претседател на Владата на Република Косово, Аднан Дибрани, член на парламентот во Шведска,  Мирела Ахметовиќ, член на парламентот во Хрватска, Кнут Флекенштајн, поранешен член на Европскиот парламент и многу други видни претставници од земјите на Западен Балкан.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека овој форум е почетната точка од која треба да произлезат предлози и иницијативи за одлучни акции против последиците од климатските промени и неодржливите фосилни извори на енергијата како најсериозни закани за животната средина, а со тоа и за нашата социо-економската иднина.

„Во двата мандата на Владата што ја предводам, една од нашите централни заложби од 2017 година до денеска, е да ги поставиме енергетските политики во Република Северна Македонија на стабилни долгорочни основи базирани на чиста-зелена енергија за да се овозможат услови за одржлив раст на економијата на нашата држава, здрава животна средина и нови работни места. Нашиот нов Закон за енергетика е целосно усогласен со ЕУ регулативите, како и со Енергетската заедница, и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за клима и енергија“, истакна премиерот Заев.

Еден од основните принципи на работа на Владата, потенцираше Заев, е тоа што е зацртано во стратегиите и плановите бргу да биде претворено во реални проекти и во конкретни акции.

„Ние сме земја на сонцето, тоа сите го знаеме. За жал во минатото тоа не било искористено соодветно, меѓутоа сега во последните 4 години, во фаза на градба се капацитети од 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи, и дополнителни 100 мегавати во Осломеј по пат на јавно приватно партнерство. Првата фотонапонска електрана на ЕСМ во Осломеј од 10 мегавати до крај на октомври годинава ќе биде готова, исто станува збор за вкупно 170 мегавати електрани на сонце. Тоа се 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години.  Со изградбата на две по 50 мегаватни електрани во Осломеј на приватни инвеститори, како и на две по 10 мегавати сопствена инвестиција на ЕСМ, ја правиме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен со фотонапонска електрана. Услов беше на еден мегават да се вработи по еден работник“, нагласи претседателот на Владата, Зоран Заев.

Премиерот Заев дополни дека во земјата во тек е реализацијата на десеттина енергетски проекти на обновливи извори на енергија како што се фотонапонските централи во РЕК Битола, во месноста Три чешми кај Штип, кај Миравци, ветерните електрани во делот на стариот аеродром во Штип, големиот проект за хидроцентралата Чебрен со Орлов мост, како и гасните централи на местото на ТЕЦ Неготино и други проекти со природен гас како што е интерконекторот за гас со Грција и инвестициите во гасниот терминал и електроцентрала во Александропули, во Грција.

„Ова е пример за останатите земји во регионот на Западен Балкан и на југоисточна Европа. Со помош на Европската Делегација во Скопје се работи на дијагноза за праведна транзиција на јаглените региони во Северна Македонија, која треба да биде од економски и социјален тип, која ќе ни даде патоказ како успешно да ја направиме енергетската транзиција, бидејќи таа нема да биде успешна ако не биде праведна. Во меѓувреме не чекаме и го чекориме патот на исполнување на Зелениот договор на ЕУ за заеднички да ја исполниме зацртаната цел. Нашата и таа на ЕУ“, посочи премиерот Заев.

Премиерот Заев ги презентираше и придобивките од Законот за стратешки инвестиции кој во приоритетите ги става енергетските проекти со обновливи извори.

„За овие наши активности Енергетската заедница ги пофали нашите напори и посветеност за сето она што го направивме во енергетскиот сектор, бидејќи сме првата земја на Западен Балкан што го стори сето тоа. Ова за нас е показател дека добро сме ги сработиле реформите, сме ја донеле потребната легислатива и сме создале услови за инвестирање. Тоа е суштината на постоењето на владите и администрацијата: Да создадат фер услови за инвеститорите, да создадат нови работни места, и да создадат здрава животна средина со безбедна иднина“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на Социо-еколошкиот форум.

Заев дополнително рече дека во чекор со заложби за усогласување на регулативата со ЕУ, Владата го донесе новиот Закон за енергетска ефикасност, кој со поддршка на Светска банка, овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто.

„Нашата земја го поддржува Европскиот зелен договор за одржлива економија преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности и правење на транзиција, праведна и инклузивна за сите“, нагласи во завршницата на своето обраќање на Социо-еколошкиот форум претседателот на Владата, Зоран Заев.

На отворањето на Социо-еколошкиот форум се обрати и премиерот на Косово, Албин Курти кој потенцираше дека еколошкиот систем не може да биде одделен од економскиот систем и дека економските стратегии мора да се прилагодат кон новите глобални барања за заштита на животната средина, и дека европскиот „Зелен договор“ предвидува сите земји да го прифатат и спроведат затоа што игнорирањето на потребата да се биде дел од заедничките определби за справување со климатските промени нема да биде интегрално сеопфатен и нема да биде ефикасен.